Луѓе блиски на копилето Миле Јанакиевски стојат зад фирмата која ќе прави мини хидроцентрала кај Рамна река, плац купил и екс министерот

0
978

Стационирањето на два огромни жолти багери во коритото на живописната река, која ја краси туристичката населба Равна река кај Пехчево било целосно изненадување за сопствениците на викендички. Веднаш почнало копањето покрај асфалтниот пат низ населбата, а паднале и првите педесетлетни дрвја.

1

Што ќе се гради и кој е инвеститорот, сопствениците разбале од таблата поставена до градилиштето. Компанијата „Минка Eнерготек“ ќе гради мини хидроцентрали, за што како изведувач ја ангажирала скопската компанија  „Авангард инженеринг“.

Десетина дена подоцна, беше организиран и првиот протест. Сопствениците на викендички велат дека не се против изградбата на хидроцентралите, туку се против местоположбата.

Проектот зафаќа точно четири километри, колку што се протега туристичко-рекреативниот комплекс Равна река, за чија урбанизација досега општината Пехчево потрошила близу половина милион евра. Но и покрај урбанизацијата, туристичката  населба нема ниту вода ниту струја, туку секој се снашол на свој начин преку поставување индвидуални системи за струја и вода. Општината како приоритет го најави електрифицирањето и поставување на водовод и понуди на продажба 300 нови плацеви.

3

Инвеститорот треба да ја зафати водата од реката и потоа низ цевки да ја донесе до мини хидроцентралата. При тоа, низ коритото ќе тече само биолошки минимум.  Сопствениците стравуваат дека реката ќе ја снема, а со тоа сосема ќе се наруши природата по која е позната населбата Равна река.

– Тогаш, која е причината поради која некој би купил еден од проектираните 300 плацеви за викендички, во услови кога населбата се уште нема ниту водовод, ниту струја – велат.

Набројуваат неколку апсурди, што според нив го следат проектот со хидроцентралите:

DSC_0027

„Водите во Равна река се прогласени за „природна реткост и чист водотек“ од страна на државата. Тоа значи, највисок степен на заштита, особено при посегањето по природата“.

„Цевководот ќе се гради врз оној за водоснабдување со вода на градот Пехчево. Сопствениците, главно пехчевски, прашуваат што во случај на пукање на цевка? Како воопшто ќе се дојде до цевките од водоводот, кои ќе се најдат под гоемите цевки со пречник од еден метар, кои ќе ја носат водата до хидроцентралите“?

„Проектот за хидроцентралите предвидува заштитен појас од по 3,5 метри од двете страни на цевководот, што значи вкупно 7 метри. Во тој појас се наоѓа и приватен имот и планираните плацеви. Тоа значи дека и покрај тоа што тој имот има сопственик, сепак нема да може ниту да се гради, ниту што било да се работи“.

„Земјиштето е земјоделско, а се третира како да е градежно. Не е направена пренамена.  Општината, според сопствениците, им подари на инвеститорите 3000 кварати земјиште за поставување на цевководот, што инаку би го продала по најмалку 10 евра за квадрат. Освен тоа како што нагласуваат, хидроцентралите се градат без да се вградат во урбанистичкиот план, што значи дека се дивоградба заедно со цевководот.

DSC_0015_1

Првата хидроцентрала е со планирана моќност од 250 киловати и инсталиран проток од 430 литри вода во секунда. Во дождливиот период од годината, низ коритото на реката протекуваат максимални 250 литри во секунда. Летово пред сушниот период мерењата покажале одвај 140 литри во секунда. На овој водотек е планирана изградба на уште една, многу помоќна хидроцентрала од 0,8 мегавати.

Сопствениците се чудат од каде е планирано да се зафаќа вода, кога не стигнува ниту за помалата хидроцентрала. Проценката е дека помалата хидроцентрала со тој капацитет на вода во реката ќе може да работи од мај до средината на октомври, кога водата полека секнува. Веќе во декември, поради ниските температури водата мрзне и одвај протекува како црта низ коритото.

DSC_0026

Тогаш, каква е исплатливоста на проект од два милиони евра, кога половина година капацитетот нема да произведува струја?

Сопствениците на викендички се здружиле во интересот да ја зачуваат недопрената природа. Преку тековната состојба од Централниот регистер откриле дека основач на „Минка-Енерготек“ е скопската фирма „Енерготек“.

Прв на листата на основачи со капитал од 1250 евра е Димитар Димески, за кој сопствениците тврдат дека е поранешен советник на разрешениот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Поранешниот министер е сопственик на огромна парцела недалеку од Равна река.Според имотниот лист пријавен во Антикорупциска, Јанакиески во 2012 година на својот син му купи 3039 квадратни метри земјиште во беровско за 61.500 денари. Понатаму на листата на основачи на „Енерготек“, фирмата мајка на инвеститорот на хидроцентралите, е делчевчанецот Орце Тодоровски, кој исто така здружил 1250 евра основачки капитал. Христијан Мицковски најмалку вложил – 900 евра, додека Стефан Трајкоски од Скопје со 1600 евра е управител на двете компаниии и на „Енерготек“ и на фирмата ќерка „Минка-Енерготек“.

Покрај „Енерготек“ уште две други фирми се основачи на компнијата инвеститор – фирмата „Акваенерги“ од Скопје и „Минка“ од Струмица, која  другата страна од планината  веќе поседува хотелски комплекс „Бела вода“, чии гости често се владини функционери.

Владини службеници ќе градат мини хидроцентрали?

Пехчевчанецот Звонко Вучковски, кој за себе вели дека е еден од основачите на партијата ВМРО ДПМНЕ, тврди дека основачите на „Енерготек“ се поранешни или сегашни вработени во Министерството за транспорт и врски.

„Проектот го спроведуваат четворица од тимот на министерот за транспорт и врски. Тие се од ВМРО, ама „преметаре“ од ВМРО-то. Работата е за профит, ништо друго. Сакаат да си обезбедат и внуци и правнуци. Во оваа држава има закони и треба да се одговара. Јас се надевам дека ова не е став на луѓето од повисоките слоеви на ВМРО и не знаат за ова. Ова е дело на ешалон број пет“, вели Вучковски.

Изградбата на мини хидроцентралите ги здружи ВМРО-вци и СДСМ-овци. На иста страна се претседателот на општинската организација на СДСМ, Драган Тренчовски и Стојан Поповски, кој е претседател на ветераните на ВМРО од Печево. Поповски го поврзува и бизнис интерес со проектот за хидроцентралите, бидејќи и самиот поседува хридроцентрала, иако со далеку помала моќност од само 10 мегавати, колку да го оддржува со струја рибникот што со години го поседува. Со зафаќањето на реката рибникот би останал без вода. Меѓутоа, Поповски вели дека е заштитен како „пиринска мечка“.

„Со водостопанската дозвола, која државата ми ја издаде со важност до 2022 година, во случај да биде оневозможен дотокот на вода, освен од природни причини или поради водоснабдување на населението, државата е должна да ми ги надомести штетитите. Што значи и во случај на неработење на рибникот, јас ќе заработувам. Меѓутоа мојот интерес е поголем од рибникот. Мојот интерес е како и на сите други кои дошле и изградиле викендичка во Равна река- да остане недопрена природата, поради која сме сите тука“, вели Поповски.

-Што ќе ни е населба без река, прашува Спаско Ингилизов, кој е сопственик на викендичка во Равна река. Тој е и член на советот во општината Пехчево од редовите на ВМРО Народна партија. И Ингилизов за проектот со хидроцентралите дознал неодамна, бидејќи, како што вели во Советот воопшто не е расправано. Аргументот дека малите хидроцентрали ќе донесат струја во Равна река, Ингилизов го нарекува „смешен“.

„ЕВН ќе ја електрифицира Равна река. Ако ние чекаме од овие хидроцентрали да ја електрифицираат насебата, тоа е лудост и смешно. Равна река, како туристичка населба нема да има никаков бенефит. Само штета, како што гледаме. Еве, компанијата овде направила база од која експлоатираат ситен песок и шљунак, за што сигурен сум дека немаат дозвола“, рече Ингилизов.

Овој факт дека инвеститорот има база за ископување песок му беше непозната на градоначалникот, Игор Поповски. Тој тврди дека мини хидроцентралите ќе придонесат за туристички развој на населбата и општината Пехчево, воопшто.

DSC_0015_1

„Со самото електрифицирање ќе имаме уште поголема можност за туристички развој и за објекти и за хотели и воопшто бенефитот ќе биде за сите граѓани. А тие поединци кои се противат, се поведуваат од некои лични интереси“, изјави градоначалникот Поповски, кој го посочи сопственикот на рибникот, Стојан Поповски, кој е негов чичко.

Градоначалникот Игор Поповски вели дека на Стојан не му е во прилог изградбата на мини хидроцентралите, бидејќи и самиот поседува една, која не е легализирана.

„Ова е хидроцентрала во склоп на рибникот и користи вода од него. Ако донесат бандери, камо среќа да донесат, ќе бидам многу благодарен. Можеби тогаш ќе можам да продавам струја. Ако некому му пречи,  ние во интерес да се зачува оваа туристичка населба, јас јавно ви изјавувам дека ќе ја кренам во воздух! Ќе купам динамит и ќе ја кренам во воздух, нема да работи нашата хидроцентрала, само да остане оваа природата што Господ ја создал“, рече Поповски.

Сопствениците тврдат дека имаат признание од раководителот на секторот за урбанизам во општината Пехчево дека градежната дозвола за хидроцентралата е издадена со злоупотреба на неговиот потпис. Градоначалникот Игор Поповски негира.

„Тоа е електронски потпис, што не е можно да се фалсификува бидејќи е заштитен со лозинка“, изјави Поповски.

Целиот текст прочитајте го ОВДЕ