(ВИДЕО) ЛУКАРЕВСКА: Од институција за репресија и пресметки, УЈП денес е партнер со фирмите и носител на концептот Парите кај граѓаните

0
142

Почитувани граѓани,

СДСМ како одговорна партија, пред граѓаните презеде обврска за професионализација на државните институции и зајакнување на нивните капацитети.

Изминатите 2 години Управата за јавни приходи беше соочена со решавање на низа проблеми и недостатоци како резултат од лошото работење во изминатите години, но паралелно и со реализирање на повеќе реформи во корист на даночните обврзници.

Во УЈП начекавме урнисан систем, непрофесионално работење и злоупотреби на позиции поради што нашата примарна цел беше насочување на капацитетите кон основната надлежност на Управата за јавни приходи, а тоа е прибирање на даноците и трансформација на институцијата во современа и модерна даночнa администрација.

Управата за јавни приходи беше синоним за репресија, уцени, закани и беше во служба на ВМРО ДПМНЕ за пресметување со неистомислениците.

Додека едни фирми се фаворизираа, други беа уценувани, рекетирани и репресирани, поради што се презедоа мерки и сега имаме видоизменета структура по однос на инспекторирањето и севкупното работење на Управата!

Презедовме мерки во насока на зголемување на довербата на даночните обврзници во Управата за јавни приходи.

Денес УЈП е отворена институција и за фирмите и за граѓаните, одговорна за реализација на реформи кои се од корист на граѓаните, на сите даночни обврзници!

Тоа го потврдуваат фактите и бројките.

Повратот на ДДВ кон фирмите се врши редовно и неселективно кон секој даночен обврзник.

Така што во 2019 заклучно со август извршен е поврат за 49.7 отсто повисок во однос на 2016 година. Односно годинава во стопанството се инјектирани 17 милијарди ,43 милиони денари (17,042,453,348), додека во 2016 година во истиот период, повратот изнесувал 11 милијарди 906 милиони денари (11,905,621,064).

Во изминатиот период УЈП разви и Модул за автоматски поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници преку којшто целосно се намалува можноста од субјективност во постапката.

За граѓаните овозможивме едноставни и лесни процедури при пријавувањето на Годишни даночни пријави преку воведувањето на електронскиот систем е-ПДД. Имено, оваа година Управата за јавни приходи за прв пат ги изготви Годишните даночни пријави на граѓаните кои се регистрирани на системот е-Персонален данок. Со оваа реформа граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање на шалтери, а исто така имаат увид во своите приливи, платени или неплатени придонеси како и можност за коригирање на податоците од дома.

Преку овој електронски систем веќе од 1 Јануари 2018 -та исплатувачите на приходите до Управата за јавни приходи доставуваат пресметки на аконтации на данокот на доход, коишто треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните.  Со овој процес се олесни и се скрати постапката за пресметка и се елиминира можноста за настанување на грешки при уплата на данокот и можноста за појава на непрокнижени или погрешно прокнижени уплати на данокот.

За фирмите и за граѓаните Управата за јавни приходи ги обезбеди и услугите „ЗАКАЖИ СРЕДБА“ и „ИНФОРМА“ преку којашто секоја заинтересирана странка има можност он-лајн да закаже средба со даночен агент во време кое нему му одговара.

УЈП е една од клучните институции во реализација на една од главните мерки во Програмата на СДСМ, Парите назад кај граѓаните.

Ја укинавме радиодифузната такса којашто претставуваше несоодветен административен товар на Управата за јавни приходи и трошок на граѓаните, а од 1 јануари 2019 година го спроведуваме и прогресивниот данок што ги опфаќа најдоходовните еден процент од населението во Република Северна Македонија кои имаат вкупна ефективна даночна стапка која е пониска од стапката на останатите и што не беше праведно, тие кои добиваат најмногу од општеството, да плаќаат најмалку.

Почитувани граѓани,

Од 1 јули Управата за јави приходи ја спроведува и мерката МојДДВ за поврат на 15 отсто од платеното ДДВ назад кај граѓаните. Креирана е мобилна апликација под името МојДДВ преку којашто граѓаните може да ги скенираат фискалните сметки со што го остваруват правото на поврат на 15 % од платениот ДДВ.

Со задоволство може да се пофалиме со успешноста на МојДДВ и согласно податоците да заклучиме дека мерката веќе ги дава резултатите за целите за кои е воведена – влијае на намалување на сивата економија и враќа пари на граѓаните.

Заклучно со 19.09.2019 скенирани се 19,905,878 фискални сметки, остварен е промет од 10,073,372,640 ден ,вкупен ДДВ 1,093,180,972 ден , додека повратот на 15 % од платениот ДДВ изнесува 163,977,146 ден или 2.666.000 ЕУР.

Само во првите месеци од воведувањето на МојДДВ, јули и август, наплатата на ДДВ е зголемена за 10 % во однос на минатата година.

Податоците говорат и дека вкупната наплата на даноци од година во година расте.

За илустрација, наплатата на вкупниот даночен приход во 2019 година заклучно со август изнесува 53,4 милијарди денари што е за 9, 2 милијарди денари повеќе , односно за 20.08 отсто  повисока во однос на  истиот период во 2015 -та година.

Со цел професионално, обејктивно, непристрасно и продуктивно работење, Управата за јавни приходи тежнее и работи кон целосна дигитализација на процесите.

Како донација од австриската Агенција, во Генералниот даночен инспекторат во примена е софтвер за Евалуација на Ризици, којшто овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз претходно утврдени критериуми за ризик. Со овој софтвер значително се намалува човечкиот фактор, а со тоа и  субјективноста во процесот на селекција на даночни обврзници кај кого ќе се врши контрола.

Со ова Управата за јавни приходи е во позиција да врши квалитетни и ефикасни контроли кои за разлика од минатото не служат за сеење страв,туку се насочени кон откривање на реални нерегуралности во работењето на даночните обврзници.

Наместо драконски казни и репресија, посветени сме и на делот на превенција.

Почитувани,

Во изминативе 2 години, Управата за јавни приходи успеа да изгради партнерски однос со приватниот сектор, со граѓаните и здруженијата со цел заеднички да придонесуваме за стабилно економско општество.

Така што, со предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка коишто се во примена од Јануари 2019 година, со цел да се овозможи донирање во спортот преку системот на ваучери, се воведе можност за даночниот обврзник кој донирал финансиски средства на спортски субјекти врз основа на ваучер добиен од спортскиот субјект, да му се намали пресметаниот данок на добивка во износот на извршената донација, но најмногу до 50% од пресметаниот данок.

Со цел да се даде поддршка за развој на земјоделството,  од 1 јануари 2018 година лицата кои остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи имаат право на враќање на платениот данок за остварените приходи од земјоделска дејност, доколку во текот на една календарска година тие приходи се помали од 1.000.000 денари.

Во наредниот период Управата за јавни приходи ќе биде надлежна и за спроведување на новата мерка за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата за своите вработени.

Почитувани граѓани,

Управата за јавни приходи е главниот столб за обезбедување средства во буџетот на Република Северна Македонија!

Сите капацитети на Управата се насочени кон реализирање на добра наплата, фер однос и поврат на дел од ДДВ кај граѓаните и фирмите и намалување на сивата економија со цел да создадеме поволна бизнис клима во која успешно ќе се развиваат малите и средни бизниси, како и целокупното општество.

Токму затоа потпишавме и Меморандуми за соработка со, Сојузот на Стопански Комори на Македонија со косовската и црногорската даночна администрација, а во преговори сме за потпишување на меморандуми за соработка и со други даночни управи од соседството и институции се со цел откривање на даночна евазија преку размена на информации.

Сите досегашни реализирани проекти се постулати за идниот реформски процес на Управата за јавни приходи во чиј фокус и натаму ќе бидат подобрени услови и услуги за граѓаните и сите даночни обврзници!

Како партија предводник на промените, остануваме посветени на реализација на мерки што ги професионализираат институциите, но истовремено обезбедуваат и придобивки за граѓаните.

За нас, зборот важи!