Лекарка од Гинекологија и се заканила на мајка родилка: Ако се објави во „Фокус“ ќе биде крај за бебето!

0
6836

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Пред една недела, од Државниот завод за статистика излегоа со фрапантни податоци дека во третото тримесечје од годината починале 90 бебиња, што е двапати повеќе во споредба со истиот период лани, кога имало 39 починати доенчиња. Според нивните податоци, црниот биланс на починати новороденчиња алармантно расте, па досега, само за девет месеци починале 206 бебиња, што не е вкупна бројка за целата година, со оглед на тоа што годината сѐ уште не завршила и ги нема официјалните податоци од последните три месеци.

Со ваквите статистики, Македонија се најде на првото место по смртност на бебиња во Европа. Стапката на смртност на новороденчиња непосредно по раѓањето кај нас е 14,3 отсто, што е трипати повеќе од Европскиот просек, кој изнесува 5,2 проценти.

Пред повеќе од пет месеци „Фокус“ ја отвори темата во која јавно ги обелоденивме податоците дека само во првите шест месеци од 2016 година, на скопската Клиника за гинекологија починале повеќе од 80 новороденчиња. Уште пострашно беше тоа, што само за две недели тогаш починаа 20 бебиња. Иако клиниката е главен центар на ниво на државата каде што завршуваат сите комплицирани случаи, што делумно е причина за големите бројки, сепак и по толку време, скандалите продолжуваат да ја тресат и од таму не прекинуваат да излегуваат застрашувачки податоци за нови починати бебиња и родилки, за погрешни дијагнози и лошо изведени операции.ginekologija-noke5

АБДОМЕНАЛНИ ХИРУРЗИ ГИ ПОПРАВААТ ЛЕКАРСКИТЕ ГРЕШКИ НА ГИНЕКОЛОГИЈА

На Клиниката секојдневно завршуваат пациентки што имаат рак на матката, рак на јајчниците, цисти… на кои треба да им се извршат итни хируршки интервенции. Од таму постојано се фалат со стручната работа, професионалниот кадар и беспрекорната хигиена, но новите информации до кои дојдовме ја демантираат „идеалната“ слика и повторно алармираат за страшните случувања во болницата што поради нестручност на дел од кадарот, што поради нехигиенските услови и бактериите што се наоѓаат таму.

Уште пострашно во целата ситуација е тоа што министерот за здравство Никола Тодоров со месеци мудро молчи на темата, ги игнорира нашите прашања и, нормално, си ја тера изборната кампања. Нели, за пациентите се работи!

Повеќе од два месеца, на стручните колегиуми на скопската Клиника за гинекологија, на кои присуствуваат над 70 гинеколози, педијатри и анестезиолози не се реферираат податоци за тоа што се случувало претходната ноќ на дежурствата, колку бебиња се во критична состојба, дали некое од нив починало, дали и колку комплицирани случаи на оперативни зафати има кај пациентките, што беше традиција години наназад на клиниката.

„Фокус“ располага со нови имиња и медицински истории на уште десет нови пациентки кои во последните пет месеци поминале трнлив пат на клиниката поради лошо изведени операции и закачиле интрахоспитални инфекции, за што подоцна, како што тврдат лекарите, морале да интервенираат абдоменалните хирурзи од скопската Дигестивна клиника, за во последен момент да се поправат лекарските грешки и да им се спаси животот на пациентките. Исто така, на редакцијата ѝ се познати и имињата на лекарите што ги извеле интервенциите, меѓутоа одлучивме нивниот идентитет да не го откриваме.

Според нашите податоци, една од пациентките што поминала вистинска голгота на Гинеколошката клиника е 49-годишната Т. С. со број на историја 8189, на која на 29 јуни годинава требало да ѝ се изврши лапароскопска хистеректомија (вадење на матката). Нашите извори тврдат дека при извршувањето на интервенцијата дупнато ѝ е дебелото црево, при што морало под итно да интервенира абдоменален хирург, кој бил повикан од своето работно место за да ја поправи грешката што ја направил лекарот што ја изведувал операцијата.

Таа не е единствената што се соочила со вакви проблеми. Втора на листата е 28-годишната пациентка А. Е., која на 4 јули годинава се породила со царски рез на клиниката. Според медицинската историја со број 9213, ревизија на пациентката ѝ била направена дури на 26 август оваа година, при што повторно интервенирал абдоменален хирург, а таа повеќе од месец и пол лежела на клиниката.

Освен кај овие две пациентки, за да ги поправат лекарските грешки на своите колеги, абдоменални хирурзи од Дигестивната клиника интервенирале и кај 73-годишната В. П. со број на историја 11462, кај која бил опериран аденокарцином (рак на матка). Според нашите податоци, по 10 дена на пациентката ѝ се отворила раната и кај неа хируршки било интервенирано уште двапати. Но, наместо нејзините здравствени проблеми да завршат тука, маките на клиниката продолжуваат. Во периодот додека лежела таму закачила интрахоспитална инфекција, за што потврдуваат и позитивните брисеви. Жената имала загноена рана со инфекција и повеќе од еден месец е сместена во посебна изолирана просторија.

Пациентка, која исто така е хоспитализирана на клиниката е и 64-годишната Ј. П., која била оперирана од тумор на јајчник и поради лошо изведена интервенција ѝ било повредено дебелото црево, па и во овој случај, како и во претходните, интервенирал абдоменален хирург. Според нејзината болничка историја број 10787, додека закрепнувала на клиниката, во меѓувреме добила интрахоспитална инфекција и таа е сместена во посебна изолирана просторија. Освен нив, на клиниката има уште две пациентки што по операциите добиле интрахоспитални инфекции, за што потврдуваат и позитивните брисеви. Се работи за 45-годишната Ј. С. со број на медицинска историја 13430 и за 58-годишната Б. З. чиј број на историја е 10036. Тие и двете биле сместени во изолирани простории со цел да не ја пренесат инфекцијата на другите пациентки сместени на истото одделение.

Но, тука не завршуваат проблемите на Клиниката за гинекологија. На почетокот на месецот, на 1 ноември била хоспитализирана 39-годишната М. Н., која според нашите информации имала тумор на јајчникот. Нејзината здравствена состојба почнала да се влошува и таа веќе вториот ден била префрлена на интензивна нега. Иако требало да биде оперирана за само два дена, на 3 ноември пациентката починала.

На листата со лошо изведени хируршки интервенции може да се најде и пациентката М. С., која според болничката историја со број 8747, била оперирана на 25 јули годинава, при што настанала компликација, па за само две недели подоцна, на 4 август, ѝ била извршена ревизија од абдоменален хирург.

Карактеристично за овие оперативни зафати е тоа што повеќето од нив ги извршил лекар-специјалист, чие име веќе години наназад ѝ е познато на јавноста, но „Фокус“ одлучи да не го открива неговиот идентитет. Тој е познат како еден од лекарите за кого во последните десетина години се поврзуваа многу скандали на клиниката, и тоа од лошо изведени хируршки интервенции, па сѐ до службени патувања на сметка на клиниката.

„Фокус“ контактираше и со неколку абдоменални хирурзи од скопската Дигестивна клиника за да ни објаснат за што најчесто се повикани да интервенираат на Клиниката за гинекологија. Според нив, најчесто се работи за погрешна дијагностика, за повреда на дебело црево за време на операција, лоша техника на работење, лоша проценка… Според договорите, за ваквите интервенции Гинеколошката клиника е должна да им плати на абдоменалците, па така, за последните два-три месеци Гинекологија ѝ должи речиси 280 илјади денари на Абдоменална хирургија, од кои 33 отсто одат за клиниката, а 67 отсто за лекарите што ги извршуваат интервенциите.

„Фокус“ испрати и неколку прашања на службениот имејл на клиниката за да ни одговорат колку абдоменални хирурзи интервенирале кај пациентки на Гинеколошката клиника и колку пари ѝ должат на Абдоменална хирургија? Но, до затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

lekari-s-ledja11

СКАНДАЛОЗНА ЗАКАНА ОД ЛЕКАРКА

Пред две недели во редакцијата на „Фокус“ се обрати 31-годишната родилка Виолета Митревска од Скопје, која во детали ни ја објасни целата драма што ја доживеала на Клиниката за гинекологија, каде што повеќе од еден месец во инкубатор лежело нејзиното новороденче.

Според нејзините тврдења, таа во седмиот месец од бременоста имала висок притисок, кој се качувал и до „190 со 100,“ што можело да биде опасно и за неа и за животот на нејзиното бебе. Митревска додава дека на клиниката не сакале да ја примат, и покрај тоа што имала хипертензивни шокови, што можело да предизвика предвремено породување, како што и се случило.

Откако нејзината здравствена состојба почнала да се влошува, таа на 13 октомври утрото во девет часот била внесена во операциона сала каде што требало да почне породувањето со царски рез, но бидејќи во тој момент немало слободен инкубатор за бебето, породувањето било одложено за неколку часа.

Не можам да ви објаснам низ какви стравови поминав. Ме убедуваа дека бебето треба да го носам во утроба уште 10 дена. Мојата здравствена состојба се влошуваше, а тие реагираа како да се работи за кукла и како сето тоа да е најнормално. Кога влегов да ме породат, најпрвин немаше инкубатор, а по неколку часа кога најдоа инкубатор, немаше слободна операциона сала. И тоа траеше сѐ до 13.30 часот, кога конечно ме оперираа. И јас и малиот си завршивме со електрошокови и одвај спасивме жива глава – тврди Митревска.

Според документите со кои располагаме, таа во 31-та недела од бременоста родила машко бебе, тешко 1.520 грама и долго 39 сантиметри, кое според протоколите на клиниката морало да остане во инкубатор се додека не качи тежина. Од тука и почнуваат нивните проблеми. Во документите се наведува дека мајката на клиниката била примена на 8 октомври, а веќе три дена по породувањето, на 16 октомври била пуштена дома, а бебето останало на клиниката уште цел месец.

Јас како мајка немав никаков пристап до моето бебе. Ме пуштаа само еднаш неделно кога требаше да се измолзам за да му дадам млеко. Неговата состојба неколкупати се влоши, ја намали тежината, имаше и некоја инфекција, а јас не знаев што се случуваше со него. На телефон не ми даваа информации, од обезбедувањето од СГС не ме пуштаа ни до влезот. Ме исфрлаа со викање и клоци од клиниката. Од здраво и право бебе, ќе го умреа таму… Страшно и жално. Како да сме во Танзанија, а не во Македонија – вели 31-годишната мајка.

Како што поминувало времето, револтирана од односот на лекарите и од медицинскиот персонал на клиниката, мајката во една пригода, на една од нив ѝ рекла дека ако продолжат со истиот лош однос и третман на бебето сите информации ќе ги обелодени во неделникот „Фокус“. Тогаш била запрепастена од одговорот на лекарката:

Ако што било објавите во „Фокус“, ќе биде крај за бебето! Еве, со тие зборови ми се обрати лекарката, која положила Хипократова заклетва. На нив им е најважно ништо да нѐ излезе во весник, ни малку не им се важни бебињата – тврди Митревска.

Цело време додека бебето беше на клиника, нашата редакција беше во контакт со семејството, но тие не смееја ништо да изнесат во јавноста, плашејќи се од заканите на лекарката. Според отпусната листа, бебето е дома од 15 ноември годинава и тогаш неговите родители конечно одлучија да ги споделат со јавноста траумите што ги поминале на клиниката. Тие уште додаваат дека откако било пуштено дома, новороденчето било донесено со продолжена жолтица, прегладнето и немало рефлекс за голтање.

БРОЈКИТЕ НА ПОЧИНАТИ БЕБИЊА „ДРЖАВНА ТАЈНА“

По којзнае колку испратени прашања до директорката на Клиниката за гинекологија, Марија Хаџи-Лега, за зголемената смртност на бебињата, за интрахоспиталните инфекции, за пациентките починати од сепса, прашања на кои со месеци не успеавме да добиеме одговори, конечно очи в очи со директорката се видовме на прес-конференцијата на 17 ноември, по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња. На нашето прашање зошто не присуствувал педијатар на породувањето на предвремено родено бебе, кое подоцна почина, Хаџи-Лега одговори дека според протоколите тоа е задолжително и дека сите родители кои имаат некакви жалби и поплаки можат слободно да се обратат кај неа.

Секоја забелешка може да биде пријавена и веднаш да се интервенира – истакна Хаџи-Лега.

Но, откако ја прашавме колку бебиња починале на клиниката во последните неколку месеци, таа само кратко рече дека не може да калкулира со бројки и дека точната статистика ќе се знае на крајот на годината.

Во поглед на бројката не би сакале да шпекулираме. Резултатите вообичаено ги сумираме на крајот на годината, но можам да кажам дека како што поминуваат годините имаме намалување на стапката на морталитет на клиниката. Но, факт е дека највисока стапка на смртност ќе има на клиниката што е и за очекување, со оглед на тоа што сите критични случаи се носат кај нас. Најголемата смртност е под 28-гестациска недела – истакна доктор Хаџи-Лега.

Таа не знаеше зошто родителите кои сметаат дека нивните бебиња фатиле сепса не реагирале до нив, правдајќи се дека тие веднаш ќе испитаат што се случило.

Со директорката на клиниката успеавме да поразговараме и за нарушените меѓучовечки односи меѓу вработените, за лекарските грешки, погрешните дијагнози, за нестручноста кај дел од лекарите, но сепак таа ги демантираше скандалозните случувања на клиниката, тврдејќи дека се функционира стручно и професионално.

Веќе неколку месеци на оваа тема нема никакви реакции и од ресорното Министерство и од првиот човек во здравството, Никола Тодоров. Тој пред пет години кога седна на министерското столче, во неколку случаи реагираше кога поради лекарска грешка родилка го изгубила животот, па дури поднесуваше и кривична пријава против непознат сторител.

Но, министерот за здравство сега молчи повеќе од пет месеци, иако бројките на починати новороденчиња секојдневно се зголемуваат. Тодоров досега не почувствува никаква потреба да провери што се случува на Гинеколошката клиника, зошто умираат толку бебиња, зошто родителите постојано обвинуваат за лош третман и нестручност кај дел од лекарите и медицинскиот персонал?

Менаџментот на Гинекологија може да тврди дека таму тече мед и млеко, но сликата на терен покажува нешто сосема друго. Револтот и маките на родителите секојдневно излегуваат на површина, барајќи спас во медиумите и сметајќи дека со тоа што вистината ќе излезе на површина, барем малку ќе им се ублажи болката. Како и да е, освен што тера изборна кампања, се слика и моли за гласови, министерот треба да се сврти и да види дека треба да им помогне токму на тие што сега ги моли!

Рамка:

НАМЕСТО НА УРОЛОГИЈА, ЗАВРШИЛА НА ГИНЕКОЛОГИЈА

Дека лоши проценки се прават на скопската Клиника за гинекологија покажува и случајот со 71-годишната М. В. со број на медицинска историја 13124, која наместо на операција на Урологија завршила на Гинекологија. Според болничката историја, пациентката требало да се оперира од тумор на бешиката, но во последен момент сфатиле дека таа е упатена на погрешно место за интервенција. Откако дошол уролог, веднаш била префрлена на Клиниката за урологија.

Рамка:

ГИНЕКОЛОГИЈА СО НАЈМАЛКУ ПЛАТЕНИ ДЕЖУРСТВА

Лекарите од Клиниката за гинекологија испратиле писмо до Управниот одбор, во кое информираат дека нивните дежурства се најмалку платени и тоа 1.300 до 1.400 денари од дежурство, за разлика од другите клиники каде дежурствата од вечер се движат од 3.000 до 4.000 денари.

Тие бараат да бидат платени како сите, со оглед на обемната работа што ја извршуваат.

Текстот е објавен на 1 декември, 2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1104

СПОДЕЛИ