ЛДП: Иванов ги аболицира криминалот и диктатурата

0
80

„Антидржавна и противуставна е одлуката на Ѓорге Иванов да прогласува аболиција за сите случаи поврзани со прислушуваните разговори. Со овој чин Иванов ги аболицира криминалот и диктатурата на власта.

Актот на Иванов да ги прекине сите кривични постапки што се водат против политичарите во Република Македонија и од власта и од опозицијата, е погазување на правната држава, уривање на уставниот поредок, судството како независна власт, а со самото тоа, дава поддршка на фалсификуваните избори, корупцијата и злоделата на врхушката на власт.

Оваа одлука на Иванов де факто значи поништување на Договорот од Пржино и укинување на Специјалното Јавно Обвинителство.

Претседател, кој е избран на нелегитимни и лажирани избори не смееше да помисли на ваков “луксуз„.

Го повикуваме Ѓорѓе Иванов веднаш да си поднесе оставка и да не се обидува да лаже и да ја замајува јавноста дека ова го сторил за да помогне во разрешување на политичката криза.

Во исто време, ги повикуваме сите слободоумни граѓани, поборници за демократијата, првдата и правната држава, кои не се согласуваат со ваквиот преседан на таканаречниот претседател, уште вечерва да го искажат својот став токму пред неговата резиденција.

Ја повикуваме и меѓународната заедница да не стои настрана и да не биде нем сведок на уривањето на државата од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, соопштуваат од ЛДП.