Лајната во Дојранско Езеро се гледаат и со голо око, Тодоров се пере со погрешен контекст

0
674

Министерот Тодоров за чистотата на водата во Дојранско Езеро се повикува на недонесен Правилник, а Институтот денеска зеде нови мостри од водата.

Екипа на Институтот за јавно здравје денеска ќе земе нови мостри на вода од Дојранското Езеро за да направи анализи на водата, изјави за Плусинфо директорката на Центарот за јавно здравје Велес, Флорентина Ристовска – Шурбевска, откако вчера министерот за здравство Никола Тодоров ги доведе во прашање анализите и одлуката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а градоначалникот на Дојран Борче Стамов и покрај забраната дозволи во езерото да се изврши крштевка.

Министерот за здравство Никола Тодоров вчера изјави дека водата во Дојранското Езеро е исправна за капење. Тој при тоа не ја доведе во прашање точноста на резултатите од анализата на водата направена во Центарот за јавно здравје Велес, туку рече дека биле ставени во погрешен контекст.

– Ставени се во контекст на правила кои се одамна напуштени во Европската унија, односно направени се мерења кои се споредени со параметри кои повеќе не се применуваат – изјави Тодоров.

Редовната анализа направена од Центарот за јавно здравје Велес покажаа дека водата во езерото на четири места е загадена по што уследи реакција на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за забрана за капење на четири плажи – места Градска плажа, Црвен Крст, Златен брег и Калдрма.

Директорката на Центарот за јавно здравје од Велес, Флорентина Ристовска-Шурбевска вели дека според надлежноста се вршат анализи на водата еднаш месечно и за тоа се известуваат сите надлежни институции за да преземат соодветни мерки.

– Во текот на април направивме анализа на водата и таа покажа зголемено присуство на бактерии, но во тој период имаше дождови и голем прилив на вода во езерото, а колекторскиот систем не можеше да ја прочисти водата. Во мај анализата покажа видно подобрување на квалитетот на водата, но онаа анализа што ја направивме на 6 јуни покажа повисоко загадување и ние за тоа ја информиравме општината и другите институции бидејќи наше е да ги направиме анализите и да ги информираме надлежните за да можат да преземат мерки. Инспекторатот реагираше со забрана за капење на четири плажи. Направивме анализа на водата и на 20 јуни и на 7 јули кои покажаа подобрување на состојбата – вели Ристовска-Шурбевска.

Ристовска-Шурбевска потврди дека анализата на водата на Дојранското Езеро е направена според Правилник кој се уште важи и не е тргнат од употреба и е доста поригорозен од оној на кој се повикува министерот за здравство НиколаТодоров.

Директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Џевдет Шаќири вели дека нивната одлука е донесена по важечка регулатива.

– Ние постапуваме и донесовме решение за забрана (за капење на четири плажи во Дојранското езеро) по важечката регулатива и Правилник за површински води, а врз основа на наодите на лабораториите кои се надлежни да ја контролираат епидемиолошката состојба, односно површинските води – вели Шаќири.

Анализите, вели тој, беа направени во лабораторија од Центарот за јавно здравје – Велес, нивното подрачно одделение Охрид.

– И тие, исто така работеле по таа регулатива. Значи, врз основа на неа подрачните одделенија (на Институтот за јавно здравје) вршат испитувања, наоди и ја категоризираа водата. А, врз основа на таа категоризација, по тој закон, ние го издадовме решението за забрана. Тоа се уште важи – рече Шаќири.

Плусинфо дознава дека новиот правилник на кој се повикува министерот Тодоров е подготвен уште пред две години, но се уште не се ставен во сила, бидејќи, како што вели изворот, Министерството имало многу поважни работи во овој период и го ставило во втор план овој правилник. Со актуелизирањето на состојбата во Дојран се актуелизира и овој правилник и најверојатно деновиве ќе биде ставен во сила за да се оправда целиот хаос.

Граѓани кои деновиве престојуваа во Дојран, тврдат дека водата во езерото не е добра за капење бидејќи со голо око се гледа дека е загадена.

– Не се капевме иако надлежните ни тврдеа дека водата е исправна за капење. Се гледа дека езерото е загадено бидејќи можат да се видат фекалии со голо око. Најверојатно пречистителната станица не е вклучена. Слушнавме дека пумпите биле расипани, а општината не побарала помош од власта. Имаше реакција од граѓаните кои плаќаат надоместок за колекторскиот систем и се заинтересирани водата да биде чиста – вели скопјанка која престојувала во Дојран.

Од општина Дојран денеска не можеше да се добие информација дали редовно работи пречистителната станица за водата во езерото. Градоначалникот и одговорите во комуналното претпријатие „Полин“ беа отсутни скоро целиот работен ден па не успеавме да ги прашаме зошто и покрај забраната за капење беше дозволено и крштевање во водите на езерото.

Дека водата во Дојранското Езеро е алармантно загадена потврди и Истражувањето „Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“ и Информацијата за Дојранското Езеро направени од Регионалниот центар за животна средина реализирани во текот на минатата година. Утврдено е дека водата во езерото има екстремно високи концентрации на отпадни материи, фосфорни и азотни соединенија и ги надминуваат досега забележените концентрации на овие материи во било кој воден екосистем.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во езерото континуирано и зависно од годишното време помалку или повеќе, се влеваат фекалии речиси од сите страни – од Николиќ, но и од градот Дојран. Прочистителната станица работи, но не излегува прочистена вода.

Еколозите со кои разговаравме се загрижени од фактот што поради интересот на градоначалникот и министерот се доведени во опасност граѓаните кои престојуваат во Дојран, но и институциите кои законски си ја вршат работата.

– Безобразно е од министерот и градоначалникот да не ги почитуваат институциите кои работат законски и во корист на граѓаните. Уште побезобразно е тоа што истите ги повикуваат граѓаните да не ги почитуваат одлуките на институциите и да дозволат крштевки во водите на загадено езаро – вели Александра Бујаровска од Фронт 21.

Бујаровска вели дека сите еколошки карактеристики укажуваат дека Дојранското Езеро е подлежно на високо загадување бидејќи нема проток на водите, откако грчката страна го затвори единствениот природен чистач на водата пред некоја година. И затоа е добро да се преземаат активности за намалување на загадувањето на водите кои се влеваат во езерото, а не да се оспоруваат резултатите на институциите кои покажуваат загаденост.