Кумановка два часа пливала околу обиколницата, ја спасиле со чаршафи

0
1183

Жената два­три часа се борела во студената вода, пливала, нуркала пред да стигне до нашиот двор. Преку прозорецот двапати пуштивме чаршафи за да ја извлечеме, но веќе беше многу слаба, ни раскажаа семејството Крстиќ.Жена од Куманово херојски пливала во големата и ладна вода што во саботата вечерта ја потопи скопска обиколница, успеала да стигне до првите куќи во селото Стајковци, каде што семејството Крстиќ ги слушнало нејзините повици за помош и со натчовечки напори успеало да ја спаси.

Целата акција за спасување се одвивала како на филм, раскажаа од ова семејство. Тоа не беше поплава, море беше. Од сите страни надојде вода, почна да навлегува во куќата, моравме да се качиме на вториот кат. Слушнавме како некој вика помош, помош, мислевме дека е комшивката. Преку прозорецот видовме дека некој плива. Водата надоаѓа, носи пред себе, дува ветар, бура е, а човек храбро се бори со неа.

Дојде до зад куќата, таму имаме стари прозорци, некако успеа да се фати за нив. Сопругот врза чаршафи, ги пушти преку прозорецот на горниот пат, но таа не успеа да се фати. Чаршафите се скинаа ­ раскажува нашата соговорничка. Таа и нејзиниот сопруг направиле уште еден обид повторно врзале чаршафи еден за друг и ѝ рекле на жената да ги врзе околу половината, а тие ќе ја креваат нагоре.­

Таа се обиде да не послуша, ама не успеа. Веќе немаше сила. Моравме да направиме нешто брзо. Се симнавме на долниот кат, го отворивме прозорецот. Преку него навлезе многу вода дома, ама ја повлековме и жената. Имаше расеченица на ногата и други повреди, но беше многу присебна. Веднаш побара да му се јавиме на нејзиниот сопруг и да му кажеме дека се спасила ­ раскажува соговорничката.Ни рекоа дека секој на нивно место ќе направел што може за да спаси живот во таква ситуација. Спасената жена е од Куманово, на околу 40 години, а работи во Скопје.­

Тоа е херој­жена. Се враќала од работа и видела што се случува на обиколница. Водата веќе ги буткала автомобилите. Си рекла, ако останам во авотомобил, сигурно ќе се удавам. Ја Отворила вратата, пливала, нуркала, внимавала само да не се удри од нешто. Се борела два­ три часа со студената вода пред да доплива до нашиот двор ­ раскажува соговорничката. Семејството Крстиќ на оваа жена ѝ понудило да се бања, ѝ ја санирало повредата, ѝ дало лекови за настинка. Преноќила кај нив.

Извор: Телеграф.мк