Криви сте!!!

0
499

Се случи што се случи. Водата дојде и си отиде. Пустошот и наслагите останаа. Останаа и здробените и немоќни лица на преживеаните во оваа погибел. Останаа и поделбите на ваши и наши и ситно-профитерското размислување и комплетната некомпетентност што може луѓе/служби/органи на една држава да го покажат со години и години во своето работење. Жртвите само веќе ги нема, oние сироти души што се нашле на патот на водената стихија, што молскавично и како од никаде се појави и го погоди нашиот крај. За нив нема да говорам, да се надеваме дека се на некое поубаво и помирно место од ова нам што ни остана.

Ќе говорам за „одговорните“, т.е. за оние што тоа требаше да бидат. Дел од тие кои веднаш прстот го вперивте кон Господ и кон јаката бура, како главни и единствени виновници за настанатата штета што однесе толку многу човечки жртви (еве сеуште ги пребројуваме). Епа господа, доста беше. Време е да се впери прстот и кон вас:

КРИВИ СТЕ! КРИВИ СТЕ! КРИВИ СТЕ!

– СИТЕ вие кои со години земате народни пари за да ги уредите суводолиците и каналите, за да бидат во витална состојба а TOA не го сторивте.

– СИТЕ вие кои преќутно дозволувате да се испустуваат шумите од оние кутри души, што на работ на својата егсистенција и неперспективност, се приморани да ги следат вашите ситно-популистички привилегии и за ситен профит да сечат шуми.

– СИТЕ вие кои сте платени да предвидите и известите за вакви невремиња со народни пари а својата должност ја занемаривте и тоа не го сторивте навремено.

– СИТЕ вие кои смисливте површна и популистичка урбанизација за да може рајата да си задоволи некои свои моментални интереси не размислувајки за општото добро и идните консеквенци, поготово од овакви катастрофи.

– СИТЕ вие кои учествувавте во проектирањето и изведбата на таа проклета обиколница, која од авион се гледа дека во тој дел кај Стајковци е изведена/поставена многу неприродно. Тука ќе ги вклучам и тие што се потрудија и го сменија текот на првично планираната траса 200м погоре над селото за на некој таму битен да му ги фатело нивите за откуп.

– СИТЕ вие што после првиот момент на несреќата дојдовте со вашите свити и полтрони потрчковци, божем загрижени и ужалени и со тоа допринесовте уште поголем хаос, политичко етикетирање на помошта кон настраданите, и попречување на службите во вршење на своите работи. Загрижени само за своите задници, да не ја изгубите поддршката и гласовите што ви обезбедуваат удобна и топла фотеља.

– СИТЕ вие полтрони и поттрчковци наместени на одговорни позиции, да раководите и координирате акции од народен интерес а кадри за тоа не сте. Кои стигнавте таму лижејки им ги задниците на овие претходно спомнатите а не со напорна работа, докажана стручност и компетентност. Што всушност и се гледа од вашиот досегашен учинок на терен.

– СИТЕ вие окезени сеирџии, испоседнати по ладовинките и кафулињата, божем свесни за настанатата трагедија, што се гостите со своите сладокусни гозби и пирови и нема да мрднете ни прст за да помогнете.

– СИТЕ вие што одите да помогнете на настраданите а се враќате назад со чисти обувки и панталони.

… Ако некој ми промакнал, слободно дополнете го списокот. ДА, сега е време за барање одговорност од „одговорните“, СЕГА и ВЕДНАШ, додека болката и маките не се изладиле. Додека железото е жешко. Одговорноста е општествено полезна за да се подобруваме како општество и за да изградиме општествен имунитет од овие појави. За да изградиме едно функционално и далеку подобро општество. Народот е должен да бара одговорност од тие што ги назначил депонирајки им ги своите гласови. Од „избраните“ што треба да ги управуваат општествените текови, и оние работи за кои со нашите даноци плаќаме да ги има а гледаме како тие пари завршуваат во приватни џебови. За да биде подобро за сите нас и нашите потомци. За да овакви непогоди поминуваат со што е можно помалку жртви и штета. За идните генерации да не поминуваат низ тие маки и страдања како ние денес.

Даниел Анастасов Извор