Која е позадината на распишувањето референдуми против градењето кампови за бегалците?

0
648

Како наближуваат локалните избори, така очајот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ станува сѐ поголем. Изборот на кадри за градоначалници и советници и безидејноста за водење на било каква кампања за прикривање на криминалот на своите локални партиски полтрони, лидерот на ДПМНЕ се обидува да го надомести со потценување на интелигенцијата на граѓаните.

За таа цел партиските раководства на општинските комитети ширум Македонија добија директива од главата на Фамилијата, во општинските Совети каде ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство да донесат одлука за распишување референдум заради изјаснување на граѓаните ЗА или ПРОТИВ населување и интеграција на мигранти на подрачјето на  општините. Она што е индикативно е дека референдумите во сите општини би се одржале на истиот ден кога и локалните ибори – на 15.октомври!

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески јасно и гласно на целата македонска јавност ѝ порача: „Во Република Македонија нема да се градат ниту кампови, ниту станови за мигранти и бегалци. Камповите и становите ги има само во валканата кампања на ВМРО-ДПМНЕТаквите ноторни лаги и манипулации имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од сѐ поголемиот број на докази кои излегуваат на површина, а кои го “разголуваат“ 11 годишно криминално владеење на Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ“.

После една ваква директна порака која недвосмислено ја отфрла секоја помисла за градење било какви кампови или станови за бегалци на територијата на Република Македонија, станува јасно дека во позадина на бесмислените референдуми се крие нешто друго.

Идејата на Груевски и на локалните раководства на партијата, е дрско и безобразно да ја искористат можноста да изманипулираат дел од гласачкото тело, и тоа делумно играјќи на картата на националните чувства на гласачите, а делумно преку искористување на можноста за манипулација со гласачките ливчиња кои во таков случај на денот на гласањето би биле дури три: едно за листата со кандидати за градоначалник, друго за советничката листа и трето за референдумското прашање!

Беден, перфиден и понижувачки чекор со кој ВМРО-ДПМНЕ го потценува и своето гласачко тело и, генерално, сите граѓани на нашата држава. Со ова Груевски и неговите сѐ помалубројни приврзаници го потценуваат интелектот на граѓаните и уште еднаш му наметнуваат третман на “глуп народ“, како што тоа во еден од прислушуваните разговори за своите сограѓани се изрази актуелниот прилепски градоначалник Марјан Ристески.

И Груевски, и Ристески и сите останати осомничени и осудени криминалци од злосторничкото здружување треба да знаат дека секој оној кој го потценил сопствениот народ, бил немилосрдно казнет за тоа. Во овој случај, имало или не референдуми за измислениот и непостоечки проблем, изјаснувањето на граѓаните на локалните избори ЗА кандидатите за градоначалници и советничките листи на СДСМ и коалицијата ќе биде – референдумско!

Пишува : Жарко Стеваноски

СПОДЕЛИ