Камчев ќе инкасира 284.000 евра: ВМРО-ДПМНЕ ја купи зградата на ЗК „Пелагонија“ во строгиот центар на Битола

0
425

ВМРО-ДПМНЕ стана сопственик на зградата на поранешната дирекција на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ во строгиот центар на Битола. Оваа вест денеска ја објави битолскиот регионален весник „Его“, наведувајќи дека зделката помеѓу ЗК „Пелагонија“ и партијата тежи 17,5 милиони денари или 284.000 евра. За деловниот простор од 374 квадратни метри, според тоа, партијата платила по 759 евра за еден квадратен метар, пренесува „Мета“.

vmro-vo-bitola

Весникот ја поврзува веста со една од „бомбите“ на Заев, каде генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, му дава инструкции на сега поранешниот министер Миле Јанкиески, за обезбедување сопствени партиски простории.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Борче Димитровски, за весникот ја потврдува информацијата без да прецизира повеќе за новиот имот и за тоа кога ќе се селат во него.

За „Мета“, пак, Димитровски вели дека за сè ќе има официјални информации и додека тие не бидат презентирани, не ќе може да коментира за детали.

Објектот на ЗК „Пелагонија“ е веднаш до хотелот „Епинал“, а на истата улица е и седиштето на битолскиот разгранок на СДСМ.

Весникот „Его“ објавува детали за купопродажниот договор, наведувајќи дека на едната страна од договорот е потпишан извршниот директор на ЗК „Пелагонија“, Томислав Давков, а на другата – Кирил Божиновски, така што договорот предвидува плаќање на 12,5 милиони денари веднаш, а другите 5 милиони на рати.

Сопственик на продавачот, земјоделскиот гигант „Пелагонија“, е „Орка холдинг“, а акции поседуваат и фирмите „Тимох“ и „Ексико“, наведува „Его“.

Битолскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ сега е сместен во објект на Преспанско-пелагониската епархија.

Извор: Мета