Исцрпувачка дискусија и постигнат мал напредок за Гоце Делчев е резулатот од состанокот на Македонско-бугарската комисија

0
96

Различни аспекти од прашањето за значењето на личноста и делото на Гоце Делчев во контекст на неговото значење за историското сеќавање на двата народи биле разгледани денеска на вториот ден од состанокот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија.

Дискусијата за евентуалното заедничко чествување на личноста и делото на Гоце Делчев, како што потврдија за МИА од Комисијата, била исцрпувачка, но плодна и направен е мал напредок поради што членовите на Комисијата ќе продолжат да разговараат во однос на ова прашање, како и за други отворени прашања од значење за Комисијата и во контекст на градење на добрососедските односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ и двете држави.

Членовите на Комисијата вчера работеле по претходно разменетите предлог идеи за усогласување на препораки  за учебниците за седмо одделение во Северна Македонија и шестти клас во Бугарија.

– Постојат сериозни разлики во однос на пристапот и разбирањето на средновековната историја и во однос на терминологијата  и користењето на одредени термини во учебниците кои се однесуваат на средновековниот период, потврдија за МИА извори од Комисијата.

И покрај разликите членовите на Комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави и имале можност, како што велат оттаму, да си укажат едни на други што е тоа што им пречи од тие учебници.

Ова, како што велат од Комисијата, е многу важно за да им се овозможи на двете страни да развијат чувство за начинот на кој другиот гледа и го вреднува минатото.