ИСПОВЕД НА ОПАСНИОТ УМ

0
560

Филмот, амбициите и соништата на Груевски треба да бидат значајно поразени и да останат само како спомени на еден психички нездрав човек, опишан во спотот за “атлетичарот”, потпишан со логото на неговата партија.

Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Партијата која излезе со изборниот слоган “реално”, се претстави со спот што е практично исповед на лидерот кој трча неуморно во својот “филм”, покажувајќи колку е, всушност, одлепен од реалноста. Ако постои скала за мерење на степен на иронија, спотов би бил на самиот врв. Но, додека спотот е одлепен од реалноста во која ние живееме, тој сосема јасно ни ја прикажува “реалноста” на самиот Груевски.

Пред да направам куса анализа на самиот спот, потребно е да се потенцира дека за разлика од досегашните кампањи, кога вообичаено партиите им се обраќаат на гласачите со пораки кои ги допираат нивните чувства, права, обврски и слично, овде нема никаква порака за нив.

Овде има еден внатрешен дијалог на самиот Груевски, кој си дава кураж да продолжи како што замислил: “Со секој изминат чекор, ти си посилен, побрз, подобар од било кога. Ти си поголем од оние што го создадоа хаосот. Скоро две години примаш удари, остануваш на нозе и потоа уште посилен од тоа што си бил продолжуваш напред”.

Понатаму тој самиот вака ги оценува своите резултати: “Победите не доаѓаат случајно, се присетуваш колку напор си вложил, колку непроспиени ноќи си поминал, посветеност и упорна работа.”

Содржината е многу податлива за психоанализа која само ја потврдува социопатската природа на Груевски, без никаков емотивен контакт со неговите “дела” што ги засегаат другите луѓе, туку едно нарцисоидно себевеличање и претставување на она што во психологијата се вика “идеално јас”.

Тој си го припишува како пожртвуваност тоа што поминал непроспиени ноќи, иако ако судиме по делата во доменот на реалното што беше обелоденето во “бомбите”, многу веројатно е дека не спиел размислувајќи каков мерцедес да набави, каков плац да купи за џабалак, каков проект во неокласичен стил да одобри, како да лапне пари од буџетот креирајќи оф-шор фирми кои “победуваа” на тендери изминативе десет години и сл.

СОНОТ НА МАЛИОТ ДИКТАТОР

Се разбира, во интроспекцијата на Груевски прикажана во спотот нема место за самокритика, туку единствено за потврда и пофалба на сопствените амбиции. На пример, атлетичарот во негово име вели: “Нема да дозволиш друг да ти кажува што треба да сонуваш”. Ова е типична реченица која ја отсликува диктаторската природа на неговата нарав и употребата на сите ресурси за остварување на неговите соништа.

Така, тој сонуваше да го измени ликот на главниот град и за тој негов сон потроши стотици милиони евра наши пари кои можеше да се вложат во други приоритети. На пример, можеше да изгради автопати и железница да се поврземе со останатиот свет, одводни канали, да ја подобри здравствената нега на граѓаните со модерни болници, да инвестира во борба со загадувањето, образование кое ќе подразбира знаење, а не само диплома.

Но, тоа не беа неговите соништа. Тој сонуваше барок, грандиозност, злато, луксузен мерцедес, а за да спречи некој да му кажува што треба да сонува, заплаши, уцени и поткупи се што можеше да застане на патот на реализацијата на неговите соништа.

Така, со парите на граѓаните кои ги распредели по негово “видување”, од државата направи свое приватно царство, каде секој негов сон стануваше реалност со помош на компромитираните институции со кои раководат корумпирани функционери, закони донесени од послушни и уценети пратеници, судии излезени од тефтер и сето тоа поткрепено со скапо платена пропаганда.

Освен неговата изразена нарцисоидна природа, спотот јасно го илустрира неговото себеидентификување со некој што има грандиозни идеи, моќ и “историско” значење што се гледа во зборовите: “Продолжуваш по патот на твоите претци и го трасираш за твоите потомци, пат од кој нема да се срамиш кога ќе погледнеш наназад, пат со кој ќе се гордееш затоа што е пат на достоинство и отворени можности, не само за тебе, туку и за сите други”.

Настрана што си припишува улога на голем владетел кој “трасира пат за потомците”, а веројатно во она “претци” мисли на Александар Велики, битно е да се потенцира и делот “отворени можности, за себе и за другите”. Ако анализираме според резултатите или она што е “реално” остварено, освен што тој за себе отвори неограничени можности за богатење и насилие врз секој што не му е следбеник, што не успеал да го покори, поткупи и слично, отвори навистина големи можности и за многу поединци кои му станаа верна “војска”.

Отвори можности стотици илјади луѓе да се вработат во замена за лојалност кон него и партијата, да стекнат пари и функции многу неуки, а со големи амбиции и лесно поткупливи. На останатите, не им остави баш можности, туку единствен избор, да ги прифатат неговите правила на игра, а ако не им чини тоа, да си заминат од државата. На тој избор се одлучија околу половина милион граѓани и бројката од година в година се зголемува до ниво на вистински егзодус од Македонија.

Натаму, надвор од секаква реалност, Груевски упорно го негува неговото “идеално јас” во неговиот внатрешен дијалог: “ти го знаеш вистинскиот пат, ти знаеш дека нема да се изневериш себе си, ќе останеш на зборот”. Таа посакувана карактерна црта на чесност, истрајности и да си “стои на зборот” Груевски со години се обидуваше да ја наметне и одржи иако по обелоденувањето на разговорите, стана сосема јасно дека е обичен манипулант, крадец, среброљубец, лицемер, лажов и садист.

Посакуваното јас, како и љубовта што му недостасувала можеби во детството, за жал, не можат да се купат со милионите складирани на разни “Белизе” дестинации.

НЕ ПОРАЗ, ТУКУ Е ПОТРЕБЕН ГОЛЕМ ПОРАЗ НА ДПМНЕ

Но, погрешно е тој спот да се оцени како тажно сведоштво за една изгубена човечка душа. Токму на истоимениот филм ме асоцираше спотот откако го изгледав, дека е тоа исповед на еден опасен ум, кој да не заборавиме дека за десет години успеа да обезбеди армија од клиентелисти, послушни војници, ги клекна на колена сите институции, ги понижи образованите, честитите луѓе и ги обезличи до ниво на гротеска сите вредности кои беа темел и одраз на едно цивилизирано општество.

Неговата “војска” ќе му остане верна до последната незаслужена привилегија, бранејќи ги сопствените интереси во замена на одржување на неговата приказна, а дел од граѓаните ќе му дадат и поддршка под дејство на пропагандата со која Груевски успеа да создаде паралелна реалност во Македонија.

Како што добро илустрираше колегата Михајловски, ако некој пријавил дека има десет крави, а има пет, патем надлежните знаат, но замижале на тој факт бидејќи е член нели на ДПМНЕ, всушност му овозможиле да добива незаслужено високи субвенции и се разбира дека за тој гласач се ирелевантни криминалите обелоденети во бомбите, бидејќи самиот е во тој клиентелистичко-коруптивен круг.

А такви има многу. Кој вработен во администрација, кој субвенциониран актер, пејач, земјоделец, пензионер кому му значат и 300 денари поголема пензија, кој “добитник” на тендери. Не велам дека тоа е доволно да му обезбеди победа на Груевски и не верувам во тоа, но не ја потценувам моќта на таа “војска” и паралелната реалност во која тие луѓе егзистираат.

Во пралелната реалност што ја создаде Груевски, каде слоганот “реално” функционира, оваа колумна нема да допре до публиката. Оттука, најголем дел од гласачите се повеќе или помалку определени многу пред да почне кампањата. Оние кои на било каков начин гледаат корист за себе од одржувањето на Груевски на власт, се “фикс” гласачи на ДПМНЕ, а поткрепа за својот избор наоѓаат во аргументацијата што ја нуди пропагандата во паралелната реалност.

Обратно, слободоумните или пак оние кои се надвор од тоа клиентелистичко-коруптивно злосторничко здружување ќе гласаат против. Но, тие имаат поголем избор во таборот “против” и се чини дека кампањата во овие 20 дена ќе биде повеќе во корист на помалите партии кои ќе се борат за дел од тие гласови.

Ако изборниот модел до сега покажа дека малите партии тешко добиваат, тие ќе добијат максимум еден до два пратеника кои ќе им отворат можност да тргуваат со нив во Параламент во кој секој пратеник “злато вреди”. Прашање на доблест ќе биде дали ќе се отворат за преговарачките опции што ќе им ги понуди Груевски, докажан корупционер или ќе останат лојални на концептот тој режим да биде поразен.

Затоа, ова нема да бидат само избори на кои победа ќе значат повеќе гласови на контото на најголемата опозициска партија. Што послаба остане партијата на Груевски по 11 декември, тоа ќе бидат поголеми шансите Македонија да почне да го оди патот на враќање кон нормалното.

Филмот, амбициите и соништата на Груевски треба да бидат значајно поразени и да останат само како спомени на еден психички нездрав човек, опишан во спотот за “атлетичарот”, потпишан со логото на неговата партија.

Патем, со спотот на “атлетичарот”, видливо е отсуството на Мартин Протоѓер од опкружувањето на Груевски. Веројатно тој со крајни сили би се обидел да му објасни дека е многу тажно, комуникацијата со гласачите да ја оствариш прикажувајќи им се „колку си убав“.

Извор : Фокус