Исмет Рамадани: Ова ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го докрајчија ентузијазмот за европска Македонија што го имавме пред 25 години

0
326

Mислам дека и двете партии треба да си одат. ДУИ имаше шанса и многу е виновна што на ВМРО-ДПМНЕ му даваше сила. Од 2008 до сега власта кај ВМРО е поради поддршката од ДУИ. И што е најважно, ДУИ се однесуваше премногу сервилно кон ВМРО-ДПМНЕ. Тие воопшто не реагираа ни како што треба, ни колку што треба, ни навреме во моменти кога се загрозуваше демократијата во Македонија. На пример, на 24 декември во собранието со тепање се истераа пратеници од салата и колегите од ДУИ не реагираа никако. Немаше дури ниту една изјава дека власта не треба така да постапи. Понатаму имаше колку многу афери и ситуации како на пример Скопје 2014, а која беше реакцијата на ДУИ? Единствената реакција беше дека нема споменици на Албанци, за на крајот со три споменици да го оправдаат тој проект што вредеше стотици милиони евра. А денеска не смеат да се појават пред граѓаните зашто не инвестирале десет милиони евра за инфраструктура и чистење канали – изјави во интервју за порталот Мкд.мк Исмет Рамадани пратеник во првиот парламентарен состав.

Кога зборувате за СЈО, мислите ли дека може да си ја заврши работата за која е формирано, бидејќи очигледно има многу сопки?

– Да не беше меѓународната заедница, ќе немавме ни СЈО. Кога се случија првите обвиненија и кога „паднаа“ функционери од власта, немаа друга изјава освен дека СЈО е политичко, партиско и врзано со СДСМ. Но, како што поминува времето, особено по доаѓањето на Викторија Нуланд, по повикувањата на распит во СЈО, ново е тоа што СДСМ веќе не ги коментира, кој бил, што бил, зошто бил. Тоа покажува нешто, а моите информации се дека работата на СЈО повеќе се набљудува од меѓународниот фактор.

Но меѓународниот фактор не крие дека го поддржува СЈО…

– Да, но и дава насоки да не им се дава алиби на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека СДСМ е замешан и затоа се тие обвиненија. Но мора да се каже дека се работи за луѓе што се борат за сопствената кожа. Почнувајќи од експремиерот, неговата дружина, врвните луѓе на ДУИ. Тие грчевито се борат обвиненијата против нив да не добијат судска завршница. И во таква ситуација, велам почесто, наместо да најдат добри адвокати да ги бранат, тие повикуваат граѓани, партиски симпатизери да ги бранат. Тоа значи да се создаде хаос, тензична ситуација, лажејќи пред своето членство дека се како светци во стилот „ова што го слушате и гледате не го слушајте, не е точно“, и, за жал, ги ставаат своите сопствени поддржувачи и таканаречените интелектуалци во една многу нефер-игра. Јас јавно кажувам – како не им е срам! Интелектуалец може да брани некоја теза, опција, но да браниш криминал со тоа што ќе кажеш „не ги слушам бомбите зашто се украдени, сечени“? Никој од нив не рече, „не, не сум јас“. Не е нормално интелектуалци, публицисти, медиуми, отворено да слушаат и да гледаат нешто и да го бранат тоа. И да мислат дека истите тие можат и понатаму да бидат многу бериќетни и многу добри за државата.

За тоа само психолозите можат да најдат дијагноза. Многу поздраво ќе беше во ситуации во кои е тешко да се маневрира, да се избегне тоа што е направено, но тие секој ден прават ирационални потези. Толку се ирационални што некогаш се смешни и за обичниот граѓанин. Колку и да не се разбира некој во политиката, се смее кога избираш денес министер, а утре ќе го смениш.

Го делите ли оптимизмот на опозицијата дека би победила на изборите?

– Мислам дека да. Кога мислам да ги добие опозицијата не мислам само на СДСМ и на Зоран Заев. Од тоа што го забележувам, чувствувам и гледам, знам дека граѓаните, бројно сè повеќе се опозициски настроени и тие кога ќе гласаат, ќе добие опозицијата. Останува на опозицијата како ќе ги направи тие коалициски разговори, за да може опозицискиот глас да добие значење и сила за да може да ја победи другата страна.

 Целото интервју со Исмет Рамадани пратеник во првиот парламентарен состав прочитајте го ОВДЕ