Ибраимовски: Во социјалните станови живеат манекенки и активисти кои лепеле плакати

0
166

Лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, го прашува министерот за труд и социјала, Диме Спасов, дали бил во зградите каде што се социјалните станови за да види кој таму живее и кому се издадени тие станови.

samka

– Јас бев и се уверив во тоа што ми пишуваа граѓани. Кога видов какви дами излегуваат од влезовите, мислев дека сум во некоја манекенска зграда, која од која поубава, самохрани мајки колку сакаш. Некого препознав од тие што излегуваа што лепеа плакати, а и тие што беа со мене потврија: Да, тој е шефе, затоа добил стан. Ромите ќе живеат во трошни куќи и секогаш кога ќе се пријават на конкурс за станови ќе им се бараат документи кои тешко може да ги извадат. Со тоа се прават администартивни бариери за да немаат комплетни документи – вели Ибраимовски.

Тој посочува пример од Кратово на млад брачен пар кој се развел за да добие социјален стан, а биле деца на богати родители, па потоа пак се земале.

– На овој начин се скратува правото на вистинските социјалци, посебно Роми од кои 80 отсто немаат покрив над главата. Го прашувам министерот Спасов до кога со електронски местенки и компјутерски, социјалните станови ќе ги добиваат самохрани мајки (манекенки) и вашите плакатари од ВМРО-ДПМНЕ и кога ќе изградите еднаш засекогаш една социјална зграда во Шуто Оризари затоа што најмногу загрозени и социјалци има во Шуто Оризари, во Прилеп и во Битола – прашува Ибраимовски.