Ибраимовски: Бев повикан во СЈО за изборните криминали на Јанкулоска во Шуто Оризари

0
298

Лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски, по сослушувањето во СЈО изјави дека бил повикан во врска со „криминалните избори во општината Шуто Оризари, односно во втората изборна единица“. Тој посочи дека му е драго што почнале да се докажуваат изборните криминали во изборната едница во којам како што нагласи, носител на листа од владејчката коалиција за време на изборите во 2011 и во 2014 година била Гордана Јанкулоска, пренесува „Мета“.

– Како политичар и како лидер на партија, дојдов да ја исполнам обврската што ја имам. Претпоставував дека станува збор за разговорите што ги објавив пред Владата. Сметам дека ќе продолжат да се докажуваат криминалните избори што се одржуваа во Шуто Оризари и драго ми е што, како што велат Србите, „почело је, почело“, да се докажува вистината за криминалните избори во изборната единица број 2, каде што носител на листа беше Гордана Јанкулоска во 2011 и во 2014 година. На пат сме да докажеме многу криминали за многу кратко време. Во интерес на истрагата нема да ви соопштам повеќе детали, но, еве, конкретно, ќе ви кажам дека станува збор за криминалните избори во Општина Шуто Оризари, односно во изборната едница број 2 – изјави Ибраимовски.

Ибраимовски не откри повеќе детали од неговото сослушување, кое траеше повеќе од еден час.

Специјалното обвинителство денеска најдолго ја сослушуваше претставничката на ВМРО-ДПМНЕ во Државната изборна комисија, Силвана Бонева. Нејзиниот распит траеше околу два часа, по што таа рече дека сето тоа претставува „медиумско-политички циркус“.

– Кога го гледав законот за Специјалното јавно обвинителство во Собранието, никаде немаше одредба дека предистражната постапка, која треба да биде тајна, ќе биде медиумско-политички циркус. Сите сме сведоци на тој циркус. Верувам дека тие што ве повикале ќе ви објаснат зошто сум повикана, за кој предмет и за што се разговарало – рече Бонева.

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, кој пристигна истовремено со Бонева, беше најкратко сослушуван. Тој по едночасовниот распит не сакаше да даде повеќе детали, туку само кратко рече: „Кога правото зборува, политиката треба да молчи“.

Специјалното јавно обвинителство сè уште нема официјално соопштено за кој случај ги распитува политичарите.

Извор: Мета