ЗАЕВ СЕ ОБРАТИ СО ЛИЧНА КОЛУМНА НА ФЕЈСБУК: Многумина ме прашуваат што ти требаше да се впушташ во политика…

0
3749

Сите добро ме знаете…јас сум Зоран Заев од Муртино. Дете од земјоделско семејство. Од мали нозе сум работел и знам како е да се бориш за своето парче леб. Во политиката влегов како веќе оформен бизнисмен.

Многумина ме прашуваа „Зоране зошто ти требаше ова, зошто си го нарушуваш удобниот живот?“. Мојот одговор беше многу јасен и едноставен…мојот народ живееше во сиромаштија. Мојот народ беше 11г. заплашуван и тероризиран со казни, уцени па и нарачани убиства. Работникот беше понижен и погазен, државата клекната на колена и ограбена. И решив по секоја цена, и политичка но и по цена на сопствениот живот да се спротиставам на режимот. Ми се приклучија илјадници граѓани, марширавме заедно во отпорот, шарената револуција, битката за СЈО…баравме правда, баравме слобода, да живееме без страв со мисла што може лошо да ни се случи утре. И ја добивме довербата на граѓаните да ја водиме државата. Направивме историски чекори.

Годинава ќе станеме 30та членка на НАТО, а ќе ги отвориме поглавјата за членство во ЕУ. Работевме напорно, признавам многу повеќе на надворешна отколку на внатрешната политика. Но нема напредок внатре, ако не се смириш со комшиите однадвор. Работиме напорно, но имаме и слабости. И на 21 април се случи нешто. Народот не издржа. Испрати јасна порака. Порака дека голем дел функционери на оваа Влада станаа од големото добро утро.

Тие функционери го заборавија народот. Оној народ што им ја даде честа да ја водат државата. Некои летнаа во облаци. Скапи ручеци, патувања…не креваат телефон на граѓани. И тоа не е добро. Оваа Влада доби власт за да покаже дека е поинаква од досегашните. Да докаже дека му служи на народот. Некои тоа не го разбраа. Некои тоа не го прифатија. Затоа сега ќе има чистка. И ќе бидам искрен…сега е период на избори, изборниот законик не дозволува разрешување или поставување на функционери. Но бидете сигурни, ќе има одговорност! Веднаш по завршување на вториот круг. Секој што одбива да им помага на граѓаните, ќе се тргне на страна. Не те бива, ќе си одиш. Јас сум човек растеретен од сите предрасуди.

Подготвен сум да ја поднесам мојата политичка одговорност за своите постапки. Но, не сум подготвен да дозволам повторно, заради нечие его и безобразлук на некој наш функционер, режимската чизма повторно да ја гази Македонија. Можете да го казните Заев, СДСМ, Владата, но не ја казнувајте татковината. Тоа не боли сите. Боли до сржта! Таа останува на нашите деца и внуци.

Затоа сакам да Ве повикам да излезете и гласате на 5ти мај. Знам дека огромен дел од вас се за концептот #ЗаедноНапред. На 5ти мај мораме сите заедно и масовно да го продолжиме патот по кој почнавме. Заедно, на чело со нашиот другар Стево. А после победата, ќе правиме и чистка. И тоа заедно вие и јас. Вие и јас! До крај! Од државно до локално ниво. За да ни ја биде државата!