ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА МКД.МК: Верувам дека годинава ќе се реши проблемот со името, дури и не помислувам дека нема да се реши!

0
233

Ви пренесуваме дел од интервјуто на премиерот Зоран Заев за МКД.мк:

Би се согласиле ли со промена на Уставот, бидејќи предлозите што се споменуваат од Грција го предвидуваат и тоа, имајќи го предвид инсистирањето за ерга омнес?

-Не се согласувам дека сите изјави од Грција се поврзани со тоа. Но не би навлегувал во дебати и во суштина, затоа што сакам да му дадам шанса на преговарачкиот процес. Ако преку медиумите соопштуваме детали од нашите позиции или стратегии како држава, верувам дека нема да придонесеме кон полесно решавање на овој проблем што Грција го има со нашето уставно име, туку верувам дека треба да ја информираме јавноста за текот на процесите, за она што се случува.

Јавноста знае, но ќе потврдам дека досега сѐ што сме направиле во овој процес е потврдување дека ние сме во суштина подготвени да влеземе во решавање на ова прашање. Не само купување време или одложување, туку мислиме дека до крајот на првата половина од 2018 треба да го искористиме како период погоден за двете земји за да се најде решение.

Што ако не се реши спорот до крајот на јуни?

-Верувам дека ќе се реши, дури и не помислувам дека нема да се реши.

Толку сте убеден дека тоа ќе се случи?

-Веројатно тоа ми ги прави позициите пооптимистички и сакам да верувам дека ќе се реши. Не дај боже, ако не се реши, тогаш, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде. Но јас сум непоправлив оптимист.

Што значи тоа Европа да ја донесеме овде?

-Тоа значи комплетно создавање европски вредности, коишто нашите граѓани ќе ги практикуваат како да сме членка на ЕУ. И верувам дека тоа е можно, но секако тоа не треба да биде нашиот план Б. Нашиот план и А и Б и В е потполна интеграција во ЕУ и во НАТО.

Многу граѓани во Македонија, кога се зборува за прашањето за името, без оглед од која партија се, велат „Заев ќе го продаде името“…

-Мојот патриотски однос кон државата сум го докажал и јас и заедно со моето семејство. Сѐ што имам ми е во Македонија, сѐ што сум учел е љубовта кон мојот народ и мојата татковина. Сум се радувал за мојата независност, нашата македонска независност, посебност, различност од сите земји и апсолутно македонштината ми е својствена како на секој наш граѓанин и ја негуваме во нашите души и срца. Апсолутно сум свесен дека родољубието е перспективата на државата. Секако сите знаат дека треба да ѝ отвориме перспективи на Македонија, но и сите знаат дека треба да го сочуваме достоинството и на народот и на нацијата и на државата.

Значи не го „продавате“ името?

-Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам.

Останувате на партиската определба за референдум?

-Да, нашата определба е овој проблем да се решава заедно со опозицијата и со другите институции, како што е претседателот, но во функција на наоѓање решение и заедничко спроведување на референдум за потврда од граѓаните, а не во функција на пролонгирање или блокирање на овој процес.

Целото интервју на МКД.мк на следниот линк ОВДЕ..