Жерновски: На 5-ти јуни избори не може и не смее да има

0
82

Градоначалникот на општина Центар, го соопшти својот став за актуелните случувања. Избори на 5-ти јуни не може и не смее да има, дециден е Жерновски. Еве што напиша:

Спиновите на “Вечер”, како и нему сличните партиски гласоговорници на Груевски, се проѕирни како водата на изворите кај Св. Наум. Но, ѓаволот одамна ја однесе шегата. Груевски тврдоглаво опстана на планот да не дозволи чистење на списокот и реформа во медиумите. Како што еднаш напишав, јасно е дека ова се двете главни оружја кои ги користел да победува на избори.

Зарем Груевски навистина веруваше дека преку насилно распуштање на Собранието, со неисполнети услови за фер и демократски избори, опозицијата ќе биде натерана да оди на избори? Веруваше ли дека ќе се најде политичар кој ќе му глуми опозиција на ваквите лажни избори? Очекуваше ли дека се’ ќе биде исто како пред објавувањето на бомбите?
Не, во ова не веруваше ниту тој, уште помалку оние до и околу него. Но затоа, сосема оправдано, тој се плаши од три работи: од вистината, од правдата и од слободната волја на граѓаните. Затоа, вистината ја крие позади неговите медиуми, правдата ја крие позади партизираното судство а слободната волја на граѓаните ја крие позади лажираните избори. Опозицијата е целосно во право што донесе цврста одлука да не учествува на уште едни вакви избори!

Меѓународната заедница многу добро знае кој е Груевски и на што се’ е спремен, само за да си ја спаси својата кожа. Знае за опструкциите врз работење на СЈО, знае за договорот за медиумите, знае за притисоците во администрацијата, за криењето на документи, за злоупотребувањето на државата во партиски цели. Знае се’. Но, сега е време и да делува. Ако сите сме согласни дека поважно е изборите да бидат фер и демократски, отколку да бидат „на време“, тогаш јасно е дека на 5-ти јуни избори не може и не смее да има.