Жерновски ги повика Министерство за транспорт и врски и Град Скопје во заедничка инспекција на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

0
134

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, како што најави на вчерашната средба со новинарите, испрати барање до Министерството за транспорт и врски – Државен инспекторат за градежништво и урбанизам и до Град Скопје, во кое ги повикува, заеднички, да излезат на терен на улица Ѓуро Стругар ББ и да извршат инспекциски надзор и контрола на издадениот управен акт на објектот наменет за деловни дејности и хотелски комплекси.

zernovski 20 jul

Градоначалникот Андреј Жерновски им препушта на инспекторатот и на Град Скопје да го одредат датумот на увидот и да го известат за истиот (но во рок не подолг од 7 дена).

Општина Центар пред две недели изврши инспекциски надзор на градбата на АДГ Бетон, чиј дел е и седиштето на ВМРО – ДПМНЕ и констатираше дека инвеститорот има ставено во функција дел од објектот, иако за тоа не се исполнети законските предуслови.

Објектот, констатираше инспекцијата, нема употребна дозвола. Влезот на објектот на седиштето на ВМРО – ДПМНЕ има балкон и покриен дел, иако издадената градежна маркица завршува со објектот. Објектот излегува од границите од градежната парцела и зафаќа дел од имотот на Р. Македонија.

Како што изјави Жерновски, доколку се констатира дека е дивоградба, таа ќе биде отстранета.

Инаку, со промена на ДУП-овите од 2007-ма до 2012-та година, зградата во која е седиштето на ВМРО – ДПМНЕ “пораснала“ од 2 на 8000 м2.