Емилија Лазаревска: Голема заслуга на СДСМ во подигнување на јавната граѓанска свест

0
364

Двата најголеми протести од почетокот на Шарената револуција, оној вчерашниот на 20 јуни 2016 и минатогодишниот на 17 мај, покажаа дека граѓанската артикулација добива сила. Но, исто така покажува дека без партиска организација или без организираните партиски структури, не може да се постигне масовност, како што тоа беше случај со овие два протеста.

Улогата на невладините и граѓанските организации и здруженија во подигнување на јавната граѓанска свест во изминатите две години е навистина голема, но тоа се должи токму на сменетата матрица на делување на најголемата опозициска партија СДСМ. Зачудува слепилото кое го манифестираат изминатиот период некои левичарски структури, како и разни активисти, без оглед што е јасно дека некои од нив се обидуваат на тој начин да се пробијат на македонската политичка сцена. Токму инсистирањето на опозицијата да се намали нивното влијание на јавната сцена и на протестите да им се даде граѓански призвук е големата придобивка на шарените.

Доколку и во иднина се опстои на овој концепт,тоа треба да значи дека и кога ќе дојдат на власт ќе имаат слух за граѓанските иницијативи, ќе уважуваат спротивно мислење, ќе консултираат релевантни чинители кои не се дел од партиските структури и ќе се обидат барем да направат една граѓанска Македонија, а не партиска диктатура. Вчера еден од истурените водачи на шарените, кои не се дел од ниту една партија, го кажа токму ова, од прилика, и првпат јасно стави до знаење дека немаат политички амбиции, ниту пак бараат да бидат дел од преговорите. Бараат да се артикулираат низ разговорите нивните барања или услови и да се исполнат. Што е единствено исправно, бидејќи поинаку сите би биле политички инсталации заради одредена цел.

Неразбирливо е минимизирањето на улогата на СДСМ во овој процес од поединци, кои ова го знаат многу подобро од мене, бидејки убедена сум дека познаваат и имаат многу повеќе контакти со членови, симпатизери, па и со раководството на таа партија. И сите нив ги гледаат на протестите. Доколку опозицијата играше по нивни ноти и ги вадеа своите партиски обележја или нивните водачи држеа постојано партиски говори, ќе ги претвореа протестите во партиски митинг. Тогаш и јас, други, немаше да можеме кога сакаме, да бидеме дел од Шарената револуција. Ако некој ова не го разбрал или не сака да го разбере, има проблем со реалноста или има некакви други намери и агенди.

 Фејсбук статус на Емилија Лазаревска