ЕВЕ ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА ФИЛИМЕНА И ЛАТАС ЌЕ ГИ ТРГНАТ ПИПЦИТЕ ОД СУДСТВОТО : Судот го ослободи од обвинение адвокатот Стеваноски за пишувањето графити за време на „Шарената револуција“

0
932

Пишува: Зоран Милошески. Публикум портал

Одлучувајќи по барањето на Полициската станица (ПС) во Прилеп за поведување прекршочна постапка против Жарко Стеваноски, Основниот суд во Прилеп донесе пресуда со која адвокатот Стеваноски е ослободен од одговорност.

Како што е познато, ПС од Општа надлежност – Прилеп, поведе прекршочна постапка против Стеваноски затоа што на ден 16.05.2016 година пред зградата на Општина Прилеп на асфалтот со боја го испишал графитот „ЧЕ СИ ЛЕЖИТЕ“ со што „ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвраќал нивното внимание“ во мерка која, според полицијата, можела да биде опасна по безбедноста во сообраќајот!?presuda

Коментирајќи ја донесената пресуда, Стеваноски ја даде следната изјава:

„Вака донесената ослободителна пресуда од страна на Основниот суд во Прилеп беше очекувана и беше единствена правилна и законита одлука која можеше да биде донесена.  На ваков начин само се потврдија моите ставови дека локалните власти со поведувањето на една ваква постапка се обидуваат да извршат груб притисок врз учесниците во протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп. Донесената пресуда е своевидна потврда за слабиот капацитет на одредени структури на МВР кои очигледно на локалните власти им послужија како средство за незаконита принуда насочена кон придушување на јавно изразениот револт на граѓаните и гласното спротивставување на криминалниот режим“.

Од причини што според мислењето на Стеваноски судот донел неправилна одлука по однос на трошоците на постапката кои не се утврдени согласно адвокатската тарифа, до Апелациониот суд во Битола ќе биде вложена жалба против решението на Основниот суд за определените трошоци. После правилното определување на висината на трошоците за оваа и за другите 3 постапки кои се водат против Стеваноски, досудените средства ќе бидат искористени за потребните вештачења за утврдување на реалната штета предизвикана на општинската зграда за време на протестите. На тој начин, во постапката која Стеваноски ја води пред Основниот суд ќе биде утврдена одговорноста на градоначалникот Марјан Ристески и директорот на ЈП за ПУП Бранко Нешкоски за давање лажни изјави за медиумите, како и лажни писмени извештаи поднесени до Советот на Општина Прилеп за наводната „енормно висока штета“ која била предизвикана за време на протестите.

„Одговорност мора да има и ќе има, правдата и казната ќе ги стигне сите оние кои изминатите 10 години државните институции ги користеа за лично богатење, за остварување на личниот интерес и за демонстрирање надмоќ и сила врз неистомислениците. Кратко кажано „ЧЕ СИ ЛЕЖАТ“, а во случајов и „ЧЕ СИ ПЛАТАТ“, вели адвокатот Жарко Стеваноски.

СПОДЕЛИ