ЕВЕ КАКО ГРУЕВЦИ ГИ ВАДЕЛЕ УКРАДЕНИТЕ МИЛИЈАРДИ ОД ЗЕМЈАТА: Извештај на Народна Банка!

0
3456
Интегрално ви го пренесуваме соопштението на НБРМ:
Информација за движењата во платниот промет во 2016 година
 
 
Народната банка, на својата интернет-страница, ја објави новата публикација,Информацијата за движењата во платниот промет во 2016 година. Во неа се анализираат состојбите во платниот промет и платните инструменти во Република Македонија и се дава споредбен осврт на клучните показатели со показателите на ниво на Европската Унија. На тој начин се овозможува да се согледаат состојбите со употребата на платежните инструменти и навиките за плаќање на домашните корисници во однос на корисниците од земјите членки на Европската Унија.
Во 2016 година најголема вредност на безготовинските трансакции, или 99% се остварени преку кредитните трансфери, а остатокот со платежни картички. Ваквата структура на безготовинските трансакции соодветствува со структурата во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) и во старите земји членки на ЕУ, каде што кредитните трансфери учествуваат со 99,2% и со 94,2%, соодветно. Во рамки на кредитните трансфери, најголемиот дел од вредноста е остварена од страна на правните лица, и тоа во поголем дел со иницирање електронски трансфери. Кај физичките лица сѐ уште преовладува хартиеното иницирање кредитни трансфери, но и растечка тенденција на користење на електронското банкарство преку компјутер, мобилни телефони и банкомати.
Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ.Употребата на платежните картички во Република Македонија сѐ уште првенствено се однесува на повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји, каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество. Потврда за ова се релативните показатели коишто покажуваат учество на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка од 32% во старите земји членки на ЕУ и 19% во земјите од ЦИЈЕ, во споредба со 11% во Република Македонија. На слични констатации упатува и анализата на бројот на трансакциите. Така, бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Република Македонија изнесува 18 трансакции по глава на жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од ЦИЈЕ (45 трансакции по глава на жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по глава на жител). 
Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички. Во последниот период се забележува  промоција на контактно-бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е согласност со светските трендови и најновите техничко-технолошки решенија во доменот на плаќањата.
Со новата платежна статистика за првпат се обезбедуваат податоци за прекуграничните трансакции во работењето со платежните картички. Анализата на овие податоци покажува дека домашните картички во странство најмногу се користеле за плаќања во трговијата, а значително учество имаат и плаќањата за интернет-трговија. Анализирано по земји, најголема вредност на трансакциите со домашни картички е остварена во Обединетото Кралство, Унгарија и Грција. Кога станува збор за приливните трансакции остварени во домашната економија со платежни картички издадени во странство, најголема вредност е остварена со платежните картички издадени во САД, Швајцарија и Обединетото Кралство. Споредбата на вредноста на остварените трансакции во доменот на картичното работење, со картички издадени во земјата и во странство укажува на нето-прилив за Република Македонија во износ од 5,6 милијарди денари во 2016 година.
Во 2016 година бројот на отворени трансакциски сметки забележа раст од 1,2% на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1%. Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица (за 22,1%), што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза. Кај физичките лица, блокираните сметки бележат раст (од 5,8%), но значително забавено во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (35,4% и 19,1% во 2014 година и 2015 година, соодветно). 
Соопштение на НБРМ од 28.03:
Од почетокот на 2017 година, во Народната банка на Република Македонија почна да работи системот за прекугранични плаќања во евра, преку поврзување на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) со платниот систем ТАРГЕТ 2 (Trans-European Automated Real-time Gross settlement Express Transfer system) на Евросистемот. За оваа цел, се изврши надградба на МИПС на НБРМ за извршување на плаќањата во евра и се  воспостави врска  со платниот систем ТАРГЕТ 2, преку централната банка на Италија. Со тоа, МИПС прерасна во двовалутен платен систем за плаќања во денари и во евра.
Со овој проект целосно се оствари препораката за создавање алтернативен канал за плаќања во евра, покрај кореспондентското банкарство, од проектот ИПА „Оценка на потребите на НБРМ“, спроведен од страна на претставници на Европската централна банка и централните банки членки на Евросистемот.
Така, деловните банки во Република Македонија, коишто имаат дозвола за работење со платен промет со странство и коишто имаат отворено сметки во евра во МИПС на Народната банка, ќе имаат можност за прекугранични плаќања во евра за своите клиенти (правни и физички лица) преку најбрзиот и најбезбедниот платен систем во Европа ‒  системот ТАРГЕТ2.
Крајната цел на овој проект е побрзо и посигурно да се извршуваат прекуграничните плаќања во евра и да се намалат трошоците за нив, од што пошироката економија би имала придобивки, вклучително компаниите и домаќинствата.
Проектот, по својата суштина, претставува втора генерација реформи во областа на платежната инфраструктура, по првата значајна реформа на платниот промет во 2001 година. Со остварувањето на овој проект се постигна повисоко ниво на платежна интеграција на Република Македонија во платежната инфраструктура на Европската Унија и претставува еден голем чекор напред кон приближување на стандардите на работа на Народната банка до стандардите на работа на централните банки членки на Европската Унија.
Народната банка, во следниот период, ќе преземе активности за промоција на новиот систем за прекугранични плаќања во евра. Во тие рамки, новиот систем најпрвин ќе биде претставен пред банкарскиот и бизнис-секторот во Република Македонија, на промоција којашто ќе се одржи денес во просториите на Народната банка. Активностите во следниот период ќе бидат насочени кон промоција на системот пред пошироката јавност, заради поблиско запознавање на граѓаните со можностите за користење на овој нов канал за извршување на прекуграничните плаќања.