ДИРЕКТОРОТ НА ЈКП КОМУНАЛЕЦ ПРИЛЕП ГИ СМИРУВА ПРИЛЕПЧАНИ : Цената на водата во општина Прилеп останува иста, да престанат манипулациите со граѓаните!

0
368

„Написите во одредени медиуми за наводното зголемување на цената на водата, се груби манипулации со граѓаните на Прилеп. Цената на водата останува непроменета. Согласно Законот за утврдување на цени на водни услуги, со ставањето во функција на Пречистителната станица, се воведува нова тарифа за пречистување на урбани отпадни води“, изјави на денешната прес конференција Емил Јанески, директор на ЈКП „Водовод и канализација“.

Јанески напомена дека чистата животна средина, заштитениот биодиверзитет во реките, зачувувањето на рибниот фонд, наводнувањето на земјоделските површини со чиста вода, заштитата на здравјето на луѓето, се значајни придобивки кои ги носи изградбата на Пречистителната станица. Но, како што напомена, освен постојаното ширење дезинформации од одредени медиуми, иритира и однесувањето на актуелната опозиција во Прилеп.

„Како што повеќе пати сум напомнал досега, факт е дека проектот за Пречистителната станица е започнат во 2008 година, кога е склучен четирипартитниот Договор во кој потписници се и тогашниот директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Методија Томески и тогашниот градоначалник Марјан Ристески. Невозможно е во исто време кога се фалите со европски проект вреден 23 милиони евра, во кој при неговото потпишување сте предвиделе дека ЈКП „Водовод и канализација“ преку наплата на тарифа на пречистување на урбани отпадни води ќе ги обезбеди потребните средства за одржување и функционирање на пречистителната станица, да го критикувате воведувањето дополнителна тарифа“, нагласи Јанески. Првиот човек на прилепски „Водовод и канализација“ го повтори она што во повеќе наврати го има истакнато, дека на предлог на јавното претпријатие, до градоначалникот на општина Прилеп беше доставен предлог, цената на услугата “пречистување на урбани отпадни води“ да изнесува 17,35 денари за метар кубен, цена која Советот на општина Прилеп подоцна ја изгласа.

Јанески уште еднаш потенцираше дека цената на водата останува иста, 26,22 денари за метар кубен и дека таа не е зголемена во изминатиот период откако СДСМ во Прилеп ја презеде локалната власт. Наспроти тоа, потсети директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, за време на 12 годишното владеење на ВМРО- ДПМНЕ и Марјан Ристески со општина Прилеп, цената на водата и постојните водни услуги беше зголемена за повеќе од 100 отсто.