Денеска се избира претседател на Уставниот суд, фаворит на Гошева – судијата Ивановски

0
326

Уставните судии денеска, на колегиум закажан за 11 часот, ќе избираат нов претседател на судот, дознава „Мета“ од извори во Уставниот суд.

На актуелната претседателка, Елена Гошева, мандатот ѝ истекува на 1 ноември, односно за две недели.

Нашите извори велат дека колегиумот за избор на претседател бил закажан за денеска бидејќи, во спротивно, без нов претседател би се блокирала работата на Уставниот суд.

Според информациите, најсериозен кандидат за претседателската фотелја е судијата Никола Ивановски, кој, наводно, ја има поддршката на Гошева.

Новиот претседател, од својата претходничка ќе го наследи жешкиот костен со иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година е во фиоките на судот и досега сè уште не се нашла на дневен ред, и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.

Актуелната претседателката, чиј мандат истекува на 1 ноември, за член на Уставниот суд беше избрана во мај 2012 година. Еден месец подоцна за судија во Уставниот суд беше избран и Никола Ивановски.

Инаку, за неколку месеци на уставните судии Наташа Габер-Дамјановска, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта им истекува деветгодишниот мандат. Тие беа избрани во Уставниот суд во 2008 година.

Според Уставот, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Извор: Мета