Денеска во 18 часот пред СЈО продолжува ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА!

0
125

Денеска во 18 часот од пред зградата каде е сместено Специјалното јавно обвинителство ќе продолжат протестите на Шарената револуција. Протестите паузираа за празничниот викенд. Денеска ќе се протестира и во други градови, за што ќе објавиме дополнително.

Во продолжение ви ја пренесуваме најавата за денешниот протест објавена на Фејсбук од неформалната граѓанска иницијатива „Протестирам“.

Во држава во која насилството од страна на власта е секојдневно, а несовршеноста на нивните злостори аболицирана, на тројца од нашите соборци за правда и демократија им е продолжен куќниот притвор.

Затоа денес велиме доста!
Доста ни е од селективна правда!
Доста ни е од корумпирано судство кое им слугува на Груевски и неговата клика!
Доста ни е од судска власт за која највисок „правен“ акт е партиската книшка!

Денешниот протест, со фокус на корумпираното и партизирано судство, започнува во 18:00 пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје.

Покрај тоа, одлучно продолжуваме со протести и бараме:
– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

До исполнување на барањата, нашата политичка борба останува на улиците! Нема правда, нема мир!
#Протестирам #Protestoj