Демант на ОЈО за ВМРОВСКИОТ ПОРАЧАН текст преку ИТАЛИЈАНСКИТЕ КУРТОНИ „Ла Верита“: Ваквите непроверени информации нема да влијаат врз нашата надлежност!

0
277

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најостро ги демантира наводите изнесени денес во италијанскиот весник „Ла Верита“  во текстот под наслов „Искри помеѓу Париз и Берлин поради Скопје. Канцеларката пробува да го спаси Заев“.

„Невистинитите и непроверените факти во текстот освен како моментална сензација за непознавачите на состојбите во нашата држава, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во неколку наврати укажа дека само официјално добиените информации од обвинителството се веродостојни, што не е случај со објавениот текст.

Имено, во текстот се наведува дека висок функционер на политичка партија, со носечка функција во Собранието на РС Македонија е во куќен притвор. Точно е дека со новоотворената истражна постапка е опфатен и овој функционер, но за него по предлог на обвинителството се изречени алтернативни мерки за обезбедување, односно одземање на патна исправа, забрана за напуштање на живеалиште и престојувалиште и јавување во судот еднаш неделно.

Понатаму во текстот се вели дека од Управата за финансиско разузнавање е добиена потврда за фактот дека врз база на сомнение за незаконски дејствија во ноември 2018 година е замрзнато плаќањето на 750.000 евра извршено во корист на физичко лице поврзано со хуманитарна организација против која обвинителството води истражна постапка. Во продолжение е истакнато дека без ниту една дополнителна истражна активност парите биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа по наредба на сегашниот Основен јавен обвинител Вилма Русковска. Во однос на ова, обвинителството цени дека јавноста треба да го има предвид фактот дека Управата за финансиско разузнавање кон крајот на 2017 година до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави иницијатива за сомнителни трансакции во износ од 719.000 евра.

По оваа иницијатива постапуваше надлежен обвинител и донесе Наредба за замрзнување на средствата, како и наредба по која постапуваше Управата за финансиска полиција. По добиените известувања од Управата за финансиска полиција дека нема основи за сомневање за извршената трансакција, на 12.4.2018 година средствата беа одмрзнати и според наши сознанија подигнати наредниот ден (13.4.2018 година). Советот на јавни обвинители на 14.11.2018 година, седум месеци по подигнувањето на средствата, Вилма Русковска ја избра за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Обвинителот што се споменува во текстот е дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и негова должност и обврска е да соработува и одговара како пред Основниот јавен обвинител, така и пред Јавниот обвинител на РС Македонија. Наводите изнесени во текстот на „Ла Верита“ за наводно негово сведочење пред Јавниот обвинител не ја отсликуваат вистината.

Водејќи се од големиот интерес на јавноста, но и од сензитивноста на предметите, особено оние што се водат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителството секојдневно настојува во рамките на можностите да сподели детали што нема да наштетат на истрагите, а на јавноста ќе и овозможат да има реална слика за текот на постапките. Со објавување на ваков вид на текстови и тоа во странски медиуми се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапките.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите непроверени информации со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството професионално и неселективно да ја врши својата уставно определена надлежност и да и застане на патот на корупцијата“, велат од Обвинителство.