Дволичие

0
153

Сето ова што сега (постизборно) се случува, сите овие физички и морални хистерии и дивеења се само вистинското лице на фашизоидноста на режимот и неговите „елитни“ одреди, токму како и оние Schutzstaffel во (деновиве често спомнуваната) Nacht der langen Messer. Бидејќи тоа е нивната умствена (не можам да кажам интелектуална, зашто таму нема никаков интелект) матрица на платена орда, без оглед кој на каква функција се нашол. Тие егзистираат во такви дволични рамки: од девет до пет божем функционери, од пет натаму – десна рака на Ќосето. Кај нив нема јавна свест, општествена одговорност, морал. Попладнето ќе барате „ноќ на ножевите“, вечерта ќе седите во првиот ред на Божиќната миса! Или ќе урлате како нездрава за „нашиот“ идентитет и традиција олицетворени во шизоидното „Скопје 2014“, кои што всушност тендерски сте ги соголиле до гола кожа, а за што веќе ве чешла Специјалното јавно обвинителство!

Се разбира, сето наше опкружување, вклучително и спомнативе карикатурални ликови, не се производ само на една историска ситуација или менталитет на една (прилично поголема) група, туку се резултат и на незаживеаната демократија на овој простор, нејзините млади и слаби корени, заедно со нашата необјаснива толерантност односно неспособност да ги видиме вистинските лица на овие околу нас. А тие беа тука, вплеткани во сите општествени случувања, се движеа по маргините одвратно понизни и најчесто речиси невидливи, свесни за својата неспособност и неморалност но и со истенчено, безмалу предаторско чувство за искористување на мигот, за моментна трансформација и молскавично приклучување на силите на злото! Се разбира дека историјата познава многу такви ликови, особено на ова парче земја но и на целиот Балкан како колевка на современите варијанти на тероризам, вклучувајќи го тука секако и фамозниот Ќосето и неговиве денешни деца како наш придонес во регионалната црна историја.

За да сликата добие посакувана заокруженост се погрижи ликот кој недостасуваше, кој вообичаено е во сенките на децава зашто веројатно се чувствува само како посвојче во една ваква констелација. Лик кој инаку, во ниту една варијанта, ниту еден нормален човек кој (и) политички мисли, не би го ставил на ум, без оглед што човекот толку години глуми претседател на државава, замислувајќи се како некаков фактор (политички, интелектуален, морален, човечки …) на страниците на оваа македонска историска бурлеска. Па и сега, именуваниот сака да ни се претстави како „татко“ на нацијата и „детенце“ на Ќосето, а не е ни едното ниту другото. Првото не може да биде заради редица суштински фактори, меѓу кои особено начинот / легитимитетот на неговиот избор, потоа неговиот локален и меѓународен рејтинг (кој речиси никогаш не ги помина оние фамозни 1,5%), неговото делегитимирање (или детронозирање, како сакате) од страна на првата по големина (и значење) малцинска заедница во државата, неговите бројни интелектуални и морални фелери непримерени за еден човек кој сака да се претставува како „татко“ на нацијата и шеф на државата итн. Ни второто никако не може да биде зашто е таков каков што е’, некадарен дури и за недела за кои што е сепак потребна доза на решителност и смелост а не тутурутка со карактер на шибицар, квазипрофесор со крајно сомнителни етички стандарди и типичен провинцијален „фоб“ од сите категории, лигава, аморфна материја која што сосема случајно добила некаков човечки облик. Дури, не можам да сфатам како овие воопшто и го прифаќаат како „брат“ односно рамноправен член на нивната ќосава заедница. Што пак доволно говори и за нивните „стандарди“ и „критериуми“, дури и кога се работи за такви важни, „братски“ реалции!

Затоа впрочем и никаде досега не го спомнав како некаков фактор во овие македонски фашизоидни времиња, иако неговиот придонес никако не е мал. Ниту безначаен. Зашто тој шарлатан, кој не умее да склопи ни две простопроширени речиници ако не му се напишани, беше врвната официелна поддршка на режимот сиве овие години, речиси два цели претседателски мандати, циркузант кој неразмислувајќи ни секунда се впушта(ше) во секакви, дури и најопасни вербални акробации – како оние од вчера – веројатно знаејќи дека неговите зборови и ставови некому не му значат ништо, ниту пак можат нешто да променат во оваа сомнабулна „држава“. Затоа и велам дека ужива да се претставува (и) како „детенце“ на Ќосето, иако знае дека неговиот божем цврст и комитски став по сите „национални“ прашања е само лакрдија што предизвикува смеа дома и во светот. И токму заради тоа и неговово последно обраќање – а сериозно се надевам дека ќе биде последно во неговото во суштина очајно одглумено претседателствување – не го сметам за сериозно и функционално, туку само како уште еден замав во насоката на автодеструкцијата, само уште еден доказ за неговата незрелост, неспособност и недостоинственост.

Зашто, да не заборавиме, колку и да е функцијата на претседател на државата кај нас на рамништето на „англиска кралица“ – што ќе рече нефункционална, парадна и „свечарска“ – за еден сериозен политичар, човек, интелектуалец, таа функција можеше да биде пресудна ако не за стопирањето на фашизоидната хистерија тогаш барем за нејзиното ставање под јавен сомнеж! Барем толку можеше во овој миг, а и порано, да направи еден вистински претседател на македонската држава, па нека се вика и Хорхе. И толку ќе беше дури и доволно во даденава ситуација во земјава изминативе години: еден искрен, човечки сомнеж во насоките на државата, во работата на институциите, во моралот и чесноста на јавните функционери итн. Наместо тоа, тој упорно – и со последниот „говор“ – настојува да ја одглуми докрај улогата на посвојче на Ќосето, заканувајќи се дека тој нешто нема да дозволи, или ќе дозволи, дека од него нештата зависат, па дури и односите и интересите на светските сили за овој простор, си го зема правото да говори во нашето име не баре сите со него сме береле калинки немајќи попаметна работа во животот итн.

И овој наш лакрдијаш е уште една тажна фигура на современава македонска историја заедно со булументата ќосави деца на кои запнал да им припаѓа, но и уште еден показ како функционираат системите од овој тип на овие простори. Тие бараат неподелена припадност и послушност, а за возврат не прашуваат за минатото. Зашто, инаку, како овој лакрдијаш како сегашно нивно посвојче а некогашна „универзитетска“ рожба на минатиот (и омразениот им) систем ќе станеше ова што стана? Но не само тој туку и редица други во чија што неморалност и сегашна безпоговорна припадност на злото се уверивме низ годиниве. Ваквите фашизоидни инсталации како да се измислени за простори како овие, за народи како овој. Плодноста на оваа почва за култивирање на едноумни режими од секаков тип допрва ќе треба да се испитува. Тоа секако зависи од карактерната структура на луѓето, од интелигенцијата, од културата и образование … сето она што во голема мера недостасува кај нас. А не дека сме го немале, во одделни периоди. Но тоа се чудните историски пресврти, цикличните наезди на некои варвари кои ништат се’ пред себе и потоа мора да се започнува од почеток. Но, велат, а што друго би правела историјата, нели?!

Златко Теодосиевски ,Историчар на уметноста и кустос

СПОДЕЛИ