ДВАЈЦАТА ЦАРИНСКИ СЛУЖБЕНИЦИ КОИ ГО ПОСЕТИЈА ГРУЕВСКИ ВО БУДИМПЕШТА СЕ ПРЕРАСПРЕДЕЛЕНИ НА ДРУГИ РАБОТНИ МЕСТА ЗАРАДИ ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТОТО, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЦАРИНАТА

0
161

„Во моментот кога ќе бидат завршени постапките, бидејќи сето тоа е надлежност на обвинителство за организиран криминал, ќе ви бидат соопштени сите наши постапки“, вели директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски (Фото: СДК.МК)

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски ги потврди информациите дека двајцата царински службеници, кои во Будимпешта се сретнале со избеганиот и осуден експремиер Никола Груевски, се прераспределени од нивните работни места. Тој кажа дека едниот од нив е прераспределен од архива во магацин, а царинскиот службеник Александар Трајковски од секторот контрола и истраги исто така е прераспределен, но на исто ниво и дека тоа е направено во интерес и на внатрешната истрага што ја води Управата и во интерес на предистражните постапки на Обвинителството за организиран криминал.

Александар Трајковски, кој на 11 декември беше фотографиран во ресторан во Будимпешта со Груевски, со кого заедно се обвинетите во случајот на СЈО „Насилства и шамари во Центар“, во Управата пријавил дека е на боледување; – Фотографијата снимена во Будимпешта на која се Груевски и Трајковски, на 11 декември се прошири на социјалните мрежи.

„Точно е дека се прераспределени и двајцата. Александар Трајковски е оставен ниво како што беше, но прераспределен е на друго место. Во однос на другиот посетител, добивме веќе одредени одговори од надлежните институции и следува внатрешна истрага, доставување на извештаи, отворање на постапки. Не би сакал да прејудицирам, каков ќе биде резултатот од таа постапка, но си течат и ќе се одвиваат во наредните недела-две, да не вршиме притисок“, вели Танасоски.

Трајковски, кој на 11 декември беше фотографиран во ресторан во Будимпешта со Груевски, со кого заедно се обвинетите во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Насилства и шамари во Центар“, во Управата пријавил дека е на боледување. На рочиштето за случајот на СЈО што се оддржа на 17 декември лани, тој кажа дека во Будимпешта бил на преглед на синуси, по што Царината отвори своја постапка за испитување дали неговото боледување е лажно. Царината побара Фондот за здравствено осигурување да испита дали е почитувана постапката за отворање на боледувањето, кој пак побара од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да провери дали боледувањето е отворено согласно медицински индикации. ДСЗИ при контролата утврди дека формално постапката е почитувана, но дека има несогласувања во поглед на упатните дијагнози и изјавата на Трајковски во судот, и поради тоа побара вонреден стручен надзор од Лекарската комора за оправданоста на боледувањето.

Вториот царински службеник, кој исто така беше на посета кај Груевски, тоа го направил во време додека користел годишен одмор и слободни денови.

„Во однос на вториот посетител на Груевски сѐ уште има предистражни дејствија и не би сакал да коментирам. Во моментот кога ќе бидат завршени, бидејќи сето тоа е надлежност на Обвинителство за организиран криминал, ќе ви бидат соопштени сите наши постапки“, рече Танасоски.