ВОЈСКАТА ЌЕ ШТРАЈКУВА ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНИТЕ ДНЕВНИЦИ ОД ПОПЛАВИТЕ И ОТИ ПОЛИЦИЈАТА РЕДОВНО ЗЕМА ПЛАТА, А ТАА НЕ

0
534

Војниците на АРМ, кои со месеци се распоредени на јужната граница да ја штитат Македонија од напливот на бегалци и од илегални преминувања од Грција, последен пат дневници добиле за првата половина од септември, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК кабинетот на министерот за одбрана Зоран Јолевски.

Нервозата во АРМ е до врвот. Војската е пред штрајк за неисплатените дневници од поплавите, за долгот за превоз и останатите неисплатени трошоци што ги плаќале војниците од џеб за да одат на работа, и особено, поради нееднаквиот третман со припадниците на полицијата, на кои дневниците им се исплаќаат до денар, без доцнење.

Во октомври војската зела дневници за првите 15 дена од септември.

“Ве известуваме дека до 10.10.2016 година, согласно податоците добиени од Армијата, извршена е исплата на надоместокот заклучно со 15.09.2016 година“, стои во одговорот за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за одбрана (МО).

Генералштабот на АРМ испратил податоци за бројот на распоредените војници и за пресметаните дневници и за втората половина на септември, но во трезорот пари за нив нема.

“За лицата од Армијата, за кои Министерството за одбрана добило податоци од Генералштабот, за периодот 16 септември-30 септември 2016 година, налогот за исплата е предаден во трезорот и очекуваме дека наскоро исплатата ќе биде завршена“, наведува Министерството за одбрана. Тие велат дека согласно процедурите за работа во Армијата и Министерството за одбрана, исплатите по овој основ се прават двапати месечно.

Уште поголем скандал со Армијата е што, место да се зголемува, нејзиниот и буџетот на Министерството за одбрана во 2017 е скратен, како во ставката за плати, така и во ставката надоместоци. За оваа година биле предвидени средства за плати за Армијата од 3.485.000.000 денари, а за 2017 за 60 милиони денари помалку. Кај надоместоците (дневници и останати трошоци) за годинава биле одредени 14.850.000 денари, а за идната само 12.000.000 денари.

Двата армиски синдиката во петокот најавија штрајк, но не го кажаа точниот датум кога ќе се одржи. Ти е бараат и зголемување на платите за 20%, а во иднина платата на вработените на МО и АРМ да се нивелира, односно да го следи нивото на зголемување на платите на вработените во МВР, како и зголемување на надоместоците на плата за ангажирање во ноќните часови, неработни и празнични денови.

Извор : СДК