ВМРО-ДПМНЕ и плаќала на Дашл груп и за комуникација со Бејли

0
364

На листата наведена во документот објавен на 28 октомври на американската државна агенција за регистрација за странски соработници, пишува дека за ВМРО-ДПМНЕ, Дашл груп комуницирала и со амбасадорот Бејли и со помошник американскиот државен секретар Нуланд, пренесува РСЕ.

Електронска комуникација, телефонски разговори, барање за средби и состаноци, пријавила американската компанија Дашл груп како свои активности сработени за клиентот ВМРО-ДПМНЕ во периодот од први април до 30 септември годинава. Во документот објавен на 28 октомври на американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерството за правда конкретно е наведено дека за ВМРО-ДПМНЕ Дашл груп комуницирала со американската извршна власт и агенциите и со други личности и организации вклучени во владини и јавно политички прашања за теми кои имаат влијание врз интересите на ВМРО-ДПМНЕ.

78099a0a-e41e-4201-9605-24e9cbbd81c6_cx0_cy5_cw92_w610_r1_s_r1

Извадок од документот објавен на 28 октомври 2016.

Во документот се наведени и две исплати од ВМРО-ДПМНЕ за Дашл груп во износ од по 60.000 долари, едната реализирна на 19 април, а другата на 23 август односно вкупно 120.000 долари. Нивни преставник, пак, бил во земјава на седми септември и за тоа, како што е пријавено, биле потрошени 25.490 долари.

На листата која ја пријавила Дашл груп има наведено повеќе од 20 најразлични контакти. Меѓу нив наведени се на пример, состанок на шести април годинава со американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли на тема – престојните избори во Македонија.

Истиот ден, на иста тема и исто така со Бејли компанијата навела дека имале и телефонски разговор, а до него била испратена и електронска пошта.

b489e5a2-fadd-49b1-994b-5d7119d187ec_cx5_cy0_cw90_w610_r1_s_r1

Извадок од документот објавен на 28 октомври 2016.

На 31 мај, пак, компанијата како своја активност за владејачката партија навела дека испратила електронска порака и до заменик помошник државен секретар во Стејт департментот Хојт Ји, а и на седми јуни му пратиле електронска порака на иста тема-престојните избори.

На 17 август Дашл груп за ВМРО-ДПМНЕ испратиле електронска порака и до помошник американскиот државен секретар задолжен за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд со барање за состанок. Таа, пак, во Скопје беше еден месец порано, односно во јули годинава, а во медиумите нема информации за нова средба со претставници на владејачката партија која се одржала по пратената електронска порака.

На 19 септември компанијата за престојните македонски избори испратила електронска порака и до Чарлс Купчан, директор за европски прашања при Националниот Совет за Безбедност во Белата Куќа кој беше во Скопје еден месец претходно.

Во август и во септември Дашл груп барале средби и со повеќе претставници во американската администрација, но во јавноста нема информации дека тие се реализирале.

Инаку, според договорот кој се уште е во сила владејачката партија и плаќа на Дашл груп 49.500 американски долари месечно.

Дашл груп,пак, не е единствената фирма што ја има ангажирано ВМРО-ДПМНЕ во САД. Партијата соработуваше и со Њу партнерс консултинг и со Глобал секјурити иноватив, а според пресметките во период од декември досега владејачката партија дала повеќе од 1,6 милиони американски долари на тамошните консултански и ПР фирми.

Минатиот месец на страницата на американското регистрационо биро компанијата Глобал секјурити иноватив објави дека тие ги договориле состаноците на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со конгресменот Пити Сешн и со помошникот секретар во национална безбедност Алан Берсин.

Другата фирма Њу партнерс консултинг, пак, како свои активности за ВМРО-ДПМНЕ ги пријави и колумните на Груевски во Њузвик и текстот на американскиот аналитичар Мајкл Михан во Хил.

Извор: Радио Слободна Европа