Владата појаснува: Заев рече дека се води истрага против претставници на власта, а не членови на Владата

0
603

Владата попладнево преку соопштение ја појаснува изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена во рамките на неговото обраќање на панел-дискусијата на тема „Што научивме и како да ги применуваме најдобрите практики во Македонија и во регионот“ на Самитот „Македонија 2025“ што се одржува во Скопје.

Медиумите денеска пренесоа дека Заев рекол дека „двајца членови на Владата се под истрага поради корупција“.

Во соопштението на Владата, се наведува дека премиерот во изјавата рекол дека „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.

Инаку, Заев изјавата ја дал на англиски јазик, одговарајќи на прашања на учесниците на панел-дискусијата.

– Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите – изјавил Заев, пишува во соопштението на Владата.