ВИТАМИНКА НА ПРИЛЕПСКАТА ПРОТИВ ПОЖАРНА ЕДИНИЦА ИМ ДОНИРА НОВО ТЕРЕНСКО ВОЗИЛО

0
402

Територијалната противпожарна единица  од Прилеп го поднови својот возен парк со ново теренско возило, донација од прехранбената индустрија „Витаминка“.

Станува збор за теренско возило од марката „митсубиши“, кое значително ќе  ја олесни работата на ТППЕ. По тој повод претставници од компанијата „Витаминка“ и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски ја посетија територијалната противпожарна единица.

Градоначалникот Јованоски истакна дека е особено благодарен на компанијата „Витаминка“ и раководниот тим за оваа значана донација, која ќе ги задоволи  потребите на ТППЕ и е позитивен пример за општествено одговорна компанија која знае да ги препознае потребите на заедницата.

„Ова е прво теренско возило, моите сознанија се дека за брзо време, најверојатно наредната недела ќе пристигне уште едно возило кои ќе ги засили капацитетите на единицата и ќе има подобри услови за интервенција. Сакам да истакнам дека оваа година имавме повеќе од триста ридско планински пожари, што е застрашувачки  за општина Прилеп, кои благодарение на интервенцијата на надлежните институции се изгасени. Ова и следното возило кои се донација од ‘Витаминка’, се добредојдени и се надевам дека ова ќе биде поттик и за останатите поголеми компании од нашата општина, на ваков или на сличен начин да ја  покажат  својата општествена одговорност“, истакна градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот Јованоски им се заблагодати на вработените во ТППЕ – Прилеп за вложените надчовечки напори и професионалното однесување во справувањето со пожарите на нашата територија и територијата на општина Македонски Брод.

„Витаминка како општествено одговорна компанија, денеска донира едно моторно  возило за потребите на ТППЕ од општина Прилеп, на општ добробит на граѓаните на општина Прилеп,  меѓутоа и на граѓаните на соседните општини. Запознати сме со фактот дека ТППЕ од Прилеп покрива голема подрачје и дека возниот парк е поприлично застарен и потребни се  вложувања и инвестиции во тој дел. Го препознавме тоа и ова е наша прва донација.

Исто така најавувам дека наредната недела ќе пристигне и второ навално возлило. На тој начин ‘Витаминка’ ќе помогне значително да се осовремени возниот парк на територијалната противпожарна единица и се надеваме дека ќе имаме помалку пожари на територијата на општина Прилеп“, Истакна Орде Горѓиоски, директор на општ правен сектор во „Витаминка“ АД Прилеп.

Од компанијата најавија подготвеност во наредниот период  да се јават како поддржувачи и на други институциите кои функционираат на територијата на општина Прилеп.

„Моите активности и делување во последно време се насочени во поглед на заштита на животната средина. Периодот кој ни претстои во светот, генерално, поради зголемената емисија на јаглерод диоксид во атмосферата, како причинител на зголемена температура и загреаноста на земјината топка, потребите во иднина за заштита на животната средина ќе бидат се’ поизразени и ќе има поголема потреба да се вложува во такви средства. Се проценува дека за наредните години температурата ќе порасне за четири степени, тогаш овие вложувања се неопходни, а треба да се преземат уште низа мерки со цел да се намалат таквите штетни последици“, изјави Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД Прилеп.

ТППЕ во Прилеп за своите потреби на располагање има 7 навални возила за урбана средина и две за теренска интервенција.

Командирот на ТППЕ – Прилеп, Виктор Стојчески истакна дека со ова возило се обновува возниот парк посебно за интервенции на отворено, шумски и полски пожари и се зголемува ефикасноста и ефективноста работата на единицата.