Вистината за пивофестот

0
1702

„Градоначалниче!, пиво-фестот не го измисли ти, тоа не е твоја заслуга, ти само ја злоупотреби за лични и партиски цели, фестивалот е на Прилепчани, и од нив за нивните пријатели кои доаѓаат на гости во нашиот град, никогаш не не интересираше какви рекорди рушиме, колку пиво пиеме и колку скара јадеме, ни беше битно да се подобруваме во неговата организација и преку неа да се чуе за нашата манифестација пошироко на балканот, да се дружиме сите заедно а не да се делиме на подобни и неподобни за почесно и подобро место на штандовите, ние не сакаме да гледаме шериф удобно сместен зад бината со неговите гавази и локалната партиска свита како се слика со естрадните уметници кои од наш џеб ги плаќаме, ти само се криеше зад твоето здружение за личен бенефит на сметка на сите останати, а ова што до сега го правеше со фестивалот во детали ќе се разоткрие сакал ти или не„.

Идејата и концептот се украдени, присвоени и злоупотребени, зошто? Првично идејата за одржување на фестивал на пивото во Прилеп имаше за цел да се наметне како нова традиција во Прилеп која ќе придонесе кон збогатување на културолошките вредности на градот, а воедно и ќе претставува настан кој ќе го привлече вниманието на пошироката јавност која од една страна ќе има можност да се запознае со обичаите, традицијата и храната на ова поднебје.

Локалната самоуправа на Општина Прилеп, таквиот концепт и идејата за одржување на оваа манифестација успеа да го присвои после 3 години по немилиот настан (двојното убиство) кој се случи за време на пиво-фестот на 02.07.2005 год., и со изговор дека ќе обезбеди сигурност и поголема организациона подготвеност за одржување на оваа манифестација, од 2008 година па наваму започна да се наметнува како патрон на оваа манифестација.

Кој е всушност организатор на Пиво-фестот сега? Ако концептуално го следите начинот на организирањето на секој пиво-фест од 2008 до денес, недвосмислено ќе дојдете до заклучок дека организатор на пиво-фестот во Прилеп е Локалната самоуправа на Општина Прилеп. Градоначалникот е главната фигура преку која се врши отварање и затворање на пиво-фестот, изборот за медиумска покриеност на настанот, претставување на програмскиот дел, презентација на изведувачите, објавување на статистичките податоци за организацијата и сите останати елементи кои укажуваат на тоа кој всушност е организатор на Пиво-фестот во Прилеп.

Таквиот факт се потврдува дури и преку увид на официјалната страна, во рубриката „За фестивалот„ во која јасно е назначено дека Пиво фест е фестивал што се одржува во летниот период во градот Прилеп во организација на Општината Прилеп и стопанските субјекти од градот. Но, ништо не е така како што изгледа. Организатор на Пиво-фесто Прилеп е Здружението „Центар за граѓанска иницијатива„ Прилеп., кое е здружение на граѓани кое брои 21 член и негов Претседател е Гоце Тодороски од Прилеп.

Зошто е тоа така? Затоа што, како до 2005-та, така и од 2008-ма па наваму обезбедувањето и безбедноста за време на фестивалот е обврска на организаторот согласно овогодинешната ОДЛУКАТА ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ЛОКАЛИТЕТ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА “ФЕСТИВАЛ НА ПИВОТО – 2015 објавен во Сл.Гласник на Општина Прилеп на ден 19.06.2015 година. Ова значи дека фактички, организатор на секој Пиво-фест од 2008 година па наваму е Локалната самоуправа на Општина Прилеп, а формално-правно Локалната самоуправа не е одговорна за ништо во буквална смисла на зборот. Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кога организатор формално би била Локалната самоуправа на Општина Прилеп, тогаш би имала обврска да ги дава сите, буквално сите податоци околу манифестацијата и материјално-финансиската состојба од фестивалот.

Но затоа организаторот на фестивалот, Здружението „Центар за граѓанска иницијатива„ Прилеп не подлежи под одредбите на овој закон и сите податоци околу фестивалот се тајни за граѓанскиот сектор. Тоа значи дека за време на оваа манифестација не се знае кој колку пие и кој колку плаќа и никој од граѓанскиот сектор нема право на пристап до официјални податоци околу статистиката за секој одржан пиво-фест. Што значи тоа? Тоа значи дека од целокупниот ангажман на Локалната самоуправа на сметката на организаторот ЦГИ се слеваат средства по два основи и тоа по основ на донации и спонзорства и по основ на закуп на штандови.

Дискутабилни се средствата кои ова здружение ги остварува по основ на закуп на штандови од причини што за јавните површини во централното градско подрачје каде се одржува Пиво-фестот одговорна е ЕЛС Општина Прилеп поточно ЈП за ПУП, кое доправа ќе треба да објасни по која цена Општината му ја дава јавната површина на организаторот ЦГИ за одржување на овој настан и зошто Општината не е таа која директно ги издава штандовите на заинтересираните учесници на фестивалот ами тоа го прави преку индиректно преку издавање под закуп на целата јавна површина на организаторот ЦГИ кој истото го издава во под-закуп на избраните учесници.

Неофицијално располагам со податок дека секоја година за одржување на оваа манифестација само по овие два основи (спонзорства и средства од закуп на штандови) на сметката на организаторот ЦГИ се слеваат средства во висина од 8.000.000,00 до 11.000.000,00 денари не вклучувајќи ги средствата кои Локалната самоуправа ги дава како главен покровител на манифестацијата, не вклучувајќи ги провизиите кои се земаат од учесниците за да го пронајдат своето место на посакуваната локација за реализација на четиридневниот бизнис. Тоа значи дека Локалната самоуправа се крие зад Здружението ЦГИ за да нема обврска да дава отчет за материјално-финансиската конструкција на фестивалот, малку ли Ви кажува тоа? Зошто на последниот Пиво-фест 2015-та Градоначалникот најави новина во начинот на организирање на фестивалот за наредната година, по однос на локацијата и изборот на изведувачите?

Многу едноставно, затоа што Градоначалникот добро знае дека ова е последниот фестивал на пивото во негова организација, па логично прозирен политички потег е на својот наследник да му постави неостварлива цел . Со таа негова изјава Градоначалникот само го призна фактот кој на сите Прилепчани му беше и повеќе од јасен, дека локацијата во централното градско подрачје не е погодна за одржување на ваква манифестација а ангажирањето изведувачи од редот на светски познати естрадни звезди на фестивалот можност за во иднина да се пофали дека новата градска гарнитура не е способна да го реализира она што тој наводно имал можност и намера да го реализира.

Колкав публицитет има Прилепскиот фестивал на пивото на балканско и светско ниво? Па ако се земат во предвид стандардите по кои се степенува успехот, квалитетот и посетеноста на ваквите манифестации на балканско и светско ниво врз основа на кои се мери и успехот на самата манифестација, и сами можете многу лесно можете да дојдете до податок кој наспроти изјавите и ставовите на Градоначалникот по однос на ова прашање ќе Ве разочара.

Не може да станува збор за реална конкурентност на манифестацијата на балканско ниво од причини што конкретно нашиот фестивал на пивото го нема на ниту една листа на календарот на фестивали на пивото на европско ниво од 2008 год. до денес, ниту пак Локалната самоуправа има направено било каков напор оваа манифестација да се естаблира во рамките на европските манифестации од овој тип, макар тоа биле и на последното место на настани од овој тип. Во таа смисла кога Градоначалникот се фали со местото кое оваа манифестација го завзема на државно и балканско ниво би било добро да појасни што значат неговите изјави кога тврди дека оваа наша манифестација е посетена од голем број на странци од балканот и пошироко, дали тоа мисли на нашинците од странство кои и онака доаѓаат во летниот период дома од кај што побегнале за да заработат за живот или мисли на „странци„ во вистинска смисла на зборот.

Што би му порачале на сегашниот и идниот Градоначалник за досегашните и идните фестивали на пивото во Прилеп? На својот ф.б профил на крајот на овогодинешниот Пиво-фест објавив статус со кој му упатувам честитка на Градоначалникот на последниот пиво-фест во негова организација и сега би додал дека помина времето кога манифестацијата ја користеше за билдање на личен и партиски рејтинг, дека помина времето на рекет, лично богатење и селективност во изборот при организирање на овој настан.

„Градоначалниче!, пиво-фестот не го измисли ти, тоа не е твоја заслуга, ти само ја злоупотреби за лични и партиски цели, фестивалот е на Прилепчани, и од нив за нивните пријатели кои доаѓаат на гости во нашиот град, никогаш не не интересираше какви рекорди рушиме, колку пиво пиеме и колку скара јадеме, ни беше битно да се подобруваме во неговата организација и преку неа да се чуе за нашата манифестација пошироко на балканот, да се дружиме сите заедно а не да се делиме на подобни и неподобни за почесно и подобро место на штандовите, ние не сакаме да гледаме шериф удобно сместен зад бината со неговите гавази и локалната партиска свита како се слика со естрадните уметници кои од наш џеб ги плаќаме, ти само се криеше зад твоето здружение за личен бенефит на сметка на сите останати, а ова што до сега го правеше со фестивалот во детали ќе се разоткрие сакал ти или не„. На идниот Градоначалник би му порачал дека нема да дозволиме историјата да се повторува.

Жарко Стеваноски