(ВИДЕО) 360° Шилегов: Со преземање на топловодната мрежа и спојување на топланите, цената за парно греење во северниот дел на Скопје ќе се намали до 30%

0
273

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во интервју за „360 Степени“ зборуваше новото претпријатие „Градски енергетски системи“ АД Скопје, формирано од градот Скопје, коешто сака да го преземе топловодната мрежа за градско парно.

„Правиме веројатно револуција во Скопје после 30 или 40 години, затоа што преку Градски енергетски системи, веќе сме во постапка пред Регулаторната комисија за лиценцирање со цел да ја преземеме ние како град Скопје, топловодната мрежа којашто е сериозно неразвиена, односно 23% од нашиот град се покриени со топловодна мрежа, а убедливо најевтино и најеколошко решение за затоплување на домовите е централното греење. Тоа беше целосно уништено во изминатите 30 години, дури бевме сведоци дека беше дадено во јавно-приватно партнерство, и тоа најздравиот дел од мрежата којшто сега го контролира и управува Балкан Енерџи Груп, којшто па нема интерес да ја развие мрежата, туку си прави „кост-бенефит“ на последниот број на корисници. Во северниот дел, топлана Север што би требало да ги опслужи Топанско, Скопје Север, Чаир, коишто се надвор од систем, во моментов има 776 корисници. Идејата на спојувањето е да ја споите топлинската енергија, и топлана Север да може да произведе топлина за краен корисник во Карпош 4. Кога ќе ги измешате енергиите коишто ги произведуваат топланите во Скопје, тогаш цената на парното греење во северниот дел ќе се намали за 20 до 30% колку што е сега поскапа, и затоа е неатрактивна за луѓето. Ние со еден цевковод од околу 2 километри, ќе овозможиме на луѓето, а ќе се сложиме, не се малце, зборуваме за преку 100 илјади жители во овој дел на градот, најмалку 40 до 50 илјади домови, да дојдат до многу поевтин и поеколошки енергенс“, рече Шилегов.

Запрашан дали калкулациите се прецизни, Шилегов повтори дека греењето ќе биде 30% поевтино за луѓето коишто гравитираат кон топланата Скопје Север, односно Топанско Поле, Чаир, Скопје Север и делови од Бутел 2.

„Имам во предвид дека и зградите коишто се изградени во Чаир и во тој дел од градот се со инсталација за парно греење, но не се приклучени на системот, токму затоа што топлана Север како енергетски остров во овој дел на градот произведува скапа енергија. Значи замислете, ако до сега, рандом, паушално ќе кажам, ако во северниот дел на градот до сега сте требале да плаќате 5 илјади денари за затоплување на стан од 60-тина квадрати, откако ќе ги споиме се ствара можност граѓаните да плаќаат 3.500 денари, и плус ќе ја добијат комоцијата на централното греење. И овие 40 до 50 илјади домови што се во овој дел на градот којшто сега не знаеме како се затоплуваат, ќе ги внесеме во организиран и евтин систем“, рече Шилегов.

Тој вели дека ова е фундаментално решавање на проблемот со загадувањето и дека за тоа е потребно време.

„Единствен сум веројатно во нашава држава во последниве 30 години, којшто еден капацитет не сака да го даде да се приватизира или да го даде во јавно-приватно партнерство, туку го бара повторно да припадне на градот, односно на граѓаните“, рече Шилегов.

Тој кажа дека очекува до крајот на оваа година да ја добијат лиценцата за дистрибуција, а од наредната пролет да започнат со копање на цевководите за спојување, за следната сезона граѓаните да можат да бидат приклучени.