(ВИДЕО) Шилегов: Да го исчистиме Тетово од загаденост и од оваа власт!

0
176

Носителот на листата за пратеници од здружената опозиција предводена од СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска имаше средби со граѓаните на Тетово.

Шилегов одржа прес-конференција на кружниот тек на крстосницата од булеварот „Маршал Тито“ и улицата „Јане Сандански“ во центарот на градот, на која рече дека владејачките партии не воделе грижа за загадувањето и оти Тетово и Македонија, согласно извештаите на сите релевантни светски куќи, се најзагадените подрачја во Европа и светот. Според Шилегов, градот е загаден и покрај тоа што веќе е затворен ХЕК „Југохром“ од Јегуновце, кој се сметаше за една од причините за загадувањето на Тетово.

– СДСМ има план за заштита на здравјето на граѓаните од оваа еколошка катастрофа. Нудиме поволни кредити за сите фирми што ќе ги запазуваат европските стандарди за еколошкото здравје на граѓаните. Меѓу другото и за „Југохром“ предвидуваме таков посебен третман со цел и да работи комбинатот и луѓето и во истовреме да не ја загадува околината во Тетово, рече Шилегов и ги повика граѓаните да присуствуваат на митинзите на здружената опозиција.

Шилегов со дел од кандидатите за пратеници делеше флаери и разговараше со жители на Тетово по булеварот „Маршал Тито“, го посети и се сретна со претставници на Здружението на глуви, наглуви, слепи и слабовидни лица во нивните простории во Тетово, како и со бранители.