(ВИДЕО) Шилегов: Владеење на правото и враќање на демократските вредности е потреба на граѓаните

0
244

Одговори на новинарски прашања на Петре Шилегов, портпарол на СДСМ:

Господине Шилегов, дали на маса на преговорите е формирање на специјално одделение во Кривичниот суд, бидејќи има некои информации дека се разговара и за формирање на едно вакво одделение каде би се работеле случаите кои ги иницира СЈО?

– Мислам дека одговоривме во текот на минатата недела кога се актуелизира тоа прашање. Дел од предлозите на СДСМ се формирање токму на вакво посебно одделение, коешто не беше прифатено од другите партии освен од ДУИ во текот на минатата недела. Она што ВМРО-ДПМНЕ не може да го сфати е дека со носењето скандалозни, криминогени и криминални одлуки на судството коешто го брани ова злосторничко здружување, всушност се зголемува потребата од формирање на такво посебно одделение.

Со кои позиции ќе настапите на денешната средба?

– После средбата ќе бидат искажани позициите, за нас се знае. И меѓународната заедница во текот на овој викенд, директно со прст покажа кон главниот виновник за креирање и се уште постоење на политичката криза во Република Македонија, а тоа е владата, односно владеачката коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Да напоменам дека кратењето на европските фондови и санкциите е воведено токму поради немањето волја и неспроведувањето на потребните реформи како што беше кажано во извештајот од Европската комисија.

Господине Шилегов, еве се случуваат сериозни дипломатски посети, да речеме од највисок вид, иако госпоѓата Нуланд доаѓа во регионална посета, не е да речеме насочена само кон Скопје нејзината посета, туку и кон регионот. Очекувате ли некакви ултимативни барања упатени кон ВМРО и Груевски и кон СДСМ и Заев. Речиси очигледно е дека земјата се мачи повеќе од една година во политичка криза, а еве и летото почна?

– Потребата од воведување на владеење на правото, владеење на ред и поредок, департизирање на македонските институции и повторно владеење на демократските вредности во нашата држава е потреба, пред се, на граѓаните на Република Македонија и на нашата држава. Тоа е интересот и на СДСМ, Република Македонија конечно да стане земја со европски цивилизирани вредности од 21-от век. Обидот на Никола Груевски да го пролонгира воведувањето на ваков ред не е ништо друго туку обид да се спаси себеси и таа криминална банда околу него од носење на одговорност за делата коишто ги имаат очигледно направено во текот на нивното владеење. Овие вредности се насушни потреби на Република Македонија. Тие вредности во Република Македонија ќе се изградат со или без Никола Груевски. Очигледно Груевски избира да биде тоа без него, ние немаме ништо против. Меѓутоа Република Македонија мора и ќе биде современа европска држава.