(ВИДЕО) Шекеринска: Ставен е конечен крај на прогонот на граѓанските организации, нарачан во “Ноќта на долгите ножеви” на режимот на Груевски

0
202

Денес, заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска даде изјава за медиумите која ви ја пренесуваме во целост:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Некаде на крајот на 2016 година, веднаш после парламентарните избори, тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски во еден долг ноќен говор пред Државната изборна комисија најави одмазднички процес наречен ДЕСОРОСОИЗАЦИЈА, со кој буквално го започна формалниот институционален напад врз илјадници наши граѓани и врз голем број на граѓански организации во државата.

Тогаш тој одмазднички говор беше насочен кон оцрнување на сите оние коишто го дигнаа својот глас против режимот, сите организации коишто имаа различен став од тогашната Влада и сите оние коишто сметаа дека слободата на говор, слободата на здружување и сите останати уставни категории навистина немаат алтернатива.

Хајката имаше за цел да ги заплаши сите оние коишто беа активни во граѓанскиот сектор и сите оние кои јавно ги соопштуваа своите различни мислења. Хајката имаше за цел да врши постојан притисок и да ги етикетира сите оние коишто беа активни во невладиниот сектор. Меѓутоа хајката исто така беше проследена со многу силен и јавен медиумски притисок, со кој сите тие беа оквалификувани или како платеници или како предавници.

Овие закани не останаа само на зборови. Тие закани преминаа и во дела, и тоа од страна на клучни, многу важни институции на државата. Класичен политички притисок, дискриминација и злоупотреба на службена должност видовме од страна на институции како што се Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Јавното обвинителство за организиран криминал, коишто започнаа практично секојдневен притисок и закани кон различни членови и делови од граѓанскиот сектор.

Инспекции се случуваа секој ден. Притисокот беше и личен и институционален и целта беше во целиот тој притисок да се вклучи и Државната комисија за борба против корупцијата. Финалето на оваа организирана и одмаздничка хајка донесе драконски казни кон голем број на организации и поединци, коишто немаа апсолутно никаква врска со Законите и законските одредби.

Преку погрешно толкување или на непостоечки одредби од Законите или преку одредби коишто станале доволно нејасни за да можат да се злоупотребат, тогашната власт сакаше да ги замолчи невладините организации и граѓанскиот сектор, да ги казни, да ги оштети финансиски и мислам дека во тој момент веќе се надеваа дека ќе можат дури и да ги затворат.

Тоа не беше напад само на граѓанскиот сектор, туку и на поединци кои овде се родиле, работат, плаќаат даноци, формираат семејства и се трудат да помогнат на државата да создаде подобар систем и поправедни услови за живот.

Јасно беше дека со промената на власта, оправдани беа очекувањата и на домашната јавност, меѓутоа и на Европската Унија, дека на ваквите злоупотреби ќе се стави крај и дека на некој начин ќе се покаже дека ова било една огромна неправда и злоупотреба на системот.

Тоа беше едно од барањата и од Европската Комисија, од членките на Европската Унија, коишто во неколку наврати побараа да престанат овие акции, да се завршат формално, и да се излезе со правно решение кое утре никој веќе нема да може да го злоупотреби.

Денеска, после неколку преземени чекори и од Владата, од владините институции, но и од Собранието на нашата држава, можеме да кажеме дека навистина правдата е задоволена и дека неправдата нанесена на поединци и невладините организации е исправена.

Имено, уште кон крајот на ноември Финасиската полиција ги затвори сите овие истраги и излезе  и пред домашната и пред европската јавност со констатација дека ниту една законска одредба не била прекршена и дека немало основ за ваквиот одмазнички и агресивен процес.

После долготрајни анализи и консултации со неколку владини институции и консултации со Собранието, Владата даде позитивно мислење, а Собранието го донесе автентичното толкување на одредбата од овој закон со којшто дефинитивно овој проблем се решава, не само за денес, не само за изминатиот период, туку и за иднина. Имено, автентичното толкување покажува или појаснува дека граѓанските организации апсолутно не требало да плаќаат дополнителни средства во буџетот за оние активности коишто практично биле нивна основна дејност. Да се потсетиме дека во овој период казните им беа наплатени на граѓанските организации затоа што носеле дури и државни службеници на обука, на конференции, а притоа се очекувало и не плаќале, дополнителни даноци за нешто што е нивна основна дејност и за што соработувале дури и со државните институции. Прашање кое пред 2016-та никогаш и од страна на никого не било поставено.

Ова автентично толкување, заедно со претходно изменетиот закон покажа дека оваа Влада не сака да остава сиви зони, со коишто денес или утре, било кој може да го уценува, да го притиска или да го манипулира.

На овој начин решението ќе гарантира дека било која државна институција нема да може на ваков начин да создава притисок кон оние коишто можеби не ги имаат истите политички убедувања.

Со оваа одлука, особено последнава на Парламентот, се стави крај на злоупотребата на институциите од ваков режимски карактер, и со автентичното толкување ставаме точка на овој прогон којшто беше нарачан во таа таканаречена „Ноќ на долгите ножеви“, а којашто реално нашата држава ја претстави во светло на најлошите автократски режими, кадешто и граѓанскиот сектор е една од жртвите и еден од прогласените виновници од страна на власта.

Конечно, на овој начин ја браниме и слободата на здружување. Бидејќи невозможно е да очекувате дека ќе имаме слобода на здружување ако оние организации коишто тоа го прават се под постојан можен притисок од страна на власта, доколку имаат различни ставови.

Невладините организации и граѓанските активисти кои што беа цел на оваа хајка немаат сега ниту од што да се плашат, ниту од што да се срамат. Практично, тие го направија она што и беше потребно на државата. Излегоа, ја говореа вистината, се бореа за слобода, за човекови права, се бореа за демократски вредности. Сите оние коишто излегуваа и на булеварот пред мене и во моменти кога беа и лично нападнати, продолжија да се борат за подобра иднина на државата.

Оваа неправда не ја исправаме само заради сите нив, туку пред сѐ ја исправаме затоа што нашата држава заслужува да биде демократска и заслужува да има гласен, јасен граѓански сектор, кој нема да се плаши од владата. Нема да се плаши ни кога ја фали, ниту која ја критикува.

Затоа, сакам денеска и во име на Владата да им честитам за трпеливоста, за истрајноста и за храброста на сите овие невладини организации, сите овие граѓански активисти, кои не дозволија да бидат уплашени.

Денеска, истите тие кои беа претходно гласни во критиката на режимот, знаат да бидат гласни и во критиките кон нас. Меѓутоа, сметаме дека тоа е првата карактеристика на една вистински демократска држава.

Им благодариме на поддршката кон сите нас и кон татковината и очекуваме дека на ваков начин, Владата ќе создаде многу подобра атмосфера и подобар амбиент за граѓански активизам.

Ви благодарам.“