(ВИДЕО + ФОТО ГАЛЕРИЈА) Нов нереален брзински рекорд: “Bugatti Chiron” возел 490 km/h

0
149

Модифицираниот “Chiron Sport”, кој е унапреден во фабрика на “Bugatti”, на тест патека во Германија достигнал брзина од дури 490 километри на час.

Само неколку дена откако “Top Gear” објавил видео снимка од возењето на продукцискиот “Chiron Sport” на тест патеката “Ehra-Lessien”, во текот на која стрелката на брзинометарот застанала на 423 km/h, од истата писта доаѓа нова брзинска сензација.

Овој пат на патеката се нашол модифициран “Chiron Sport” кој развил брзина од повеќе од 490 километри на час! Зад воланот бил тест возачот Енди Волас, а рекордот официјално го верификувала германската асоцијација “TÜV”.

За да го постигне овој неверојатен резултат, “Bugatti” се здружил со експертот за конструкција на суперспортски автомобили – италијанската компанија “Dillar”, и произведувачот на гуми Michelin.

Како што пишува “Top Gear”, трите компании последните шест месеци интензивно работеле на унапредување на моделот “Chiron Sport”, за да ја урнат брзинската бариера од 482,8 km/h.

Како резултат на нивните напори, автомобилот бил продолжен во задниот дел за 25 центиметри, а извршени биле и други аеродинамични модификации, вклучувајќи и отстранување на адаптивното крило на задниот спојлер од продукциското возило и вградување на нов, фиксен заден спојлер. Освен тоа, извршени се промени и во издувот.

Совозачкото седиште е извадено од автомобилот, возачот добил дополнителни заштитни елементи како специјално безбедносно седиште и заштитен рол-бар, а извршени се и одредени интервенции за намалување на вкупната маса на возилото.

Наместо стандардниот 8.0 W16 мотор со 4 турбо полнења и 1.500 коњски сили, вграден е суперскапоцениот “Bugatti Centodieci” кој испорачува 1.600 коњски сили.

На крајот, треба да се нагласи дека овој специјален “Chiron Sport” е означен од страна на фабриката како “единствен прототип речиси подготвен за производство”, па рекордот засега не може да се однесува на продукциските автомобили.

Потсетуваме, моментално најбрз продукциски автомобил на светот е “Koenigsegg Agera RS” кој во 2017-та година во Невада постигнал брзина од 446, 97 km/h. Сепак, тоа не го намалува значењето на овој фантастичен резултат на Bugatti, а следната брзинска бариера која треба да ја урне е таа од 500 km/h.

Извор : Точка