(ВИДЕО + ФОТО ГАЛЕРИЈА) КАКО ВО БАЈКА, ПРИЛЕП ВО КАРНЕВАЛСКИТЕ ДЕНОВИ Е ПРЕУБАВ!

0
1893

Весело и разиграно, со насмевки и позитивна енергија каква што само најмладите знаат да емитуваат, помина вториот ден од „Прочка 2019“, каде децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски.

Најмладите повторно ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето на пораки преку маски. „Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина. Инвентивноста на дечињата се покажа и преку прекрасните маски „Да си подадеме рака“, „Витаминки шејк“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.

Покрај дефилето на детскиот карневал, вториот ден од „Прочка 2019“ го одбележа и настапот на уметниците од „Статуа фест“ кои со живи статуи направија интерактивен перфомас за посетителите на карневалот во Прилеп.
Уметниците од „Статуа фест“ продолжуваат со својот и во текот на утрешниот ден, кога ќе биде и главното дефиле на „Прочка 2019“.