(ВИДЕО) Спасовски: Победуваме заедно, за Македонија!

0
225

Чест и гордост е да се биде денеска генерален секретар на оваа сила. Денеска македонските социјалдемократки одлучија да маршираат во македонскиот Ерусалим, во Охрид. Заради тоа што оттука сакаме да ги пратиме пораките на љубов, љубов спрема сите граѓани на Република Македонија, љубов спрема Македонија. Да ја пратиме пораката на силна верба, верба во нашата сила, во силата на нашиот лидер Зоран Заев, во силата на граѓаните на Македонија, рече генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски на Осмомартовскиот марш.

Денеска да ја пратиме пораката на надежта, на надежта за поинаква Македонија, за подобра, економски проспертитетна и европска Македонија.

Република Македонија се соочува со најголемата криза од 90-тата година до денеска.

Македонија е поделена како никогаш до сега. Македонија економски е на колена. Македонија е уништена, уништена од властодршците, од криминалците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

Затоа, денеска борбата на македонските жени добива на интензитет. На интензитет затоа што мораме да ги промениме работите во Република Македонија.

Денеска жените во Македонија се обединуваат заради тоа што сакаат да обезбедат егзистенција на нивните семејства. Жените во Македонија се обединуваат заради тоа што повторно мора да се борат за работничките права во Република Македонија коишто ги уништија овие 9 години.

Денеска жените во Македонија се обединуваат за да ги стопираат иселувањата на младите, на синовите и на керќите. Денеска жените во Македонија се обединуваат за да понудат поинаква перспектива на оваа држава и на идните генерации.

Жените во Македонија се обединуваат за повеќе правда, правда за сите а не за поединци, правда за Македонија а не само за партиските војници.

Денеска жените во Македонија се обединуваат околу една идеја. Идеја која содржи храброст, која содржи решителност, идеја која содржи истрајност за Македонија. Истрајност што ја промовира лидерот на партијата Зоран Заев, истрајност заради тоа што мораме да ја спасиме Република Македонија од оние коишто ја уништуваат.

Претстојат многу важни избори во Република Македонија.

Денеска ја праќаме и пораката: победуваме! Заради тоа што така одлучуваат граѓаните на Македонија.

Победуваме заради тоа што се бориме за правда а не за личниот интерес.

Победуваме заради тоа што ја имаме најдобрата програма за излез од кризата во Република Македонија.

Победуваме заради тоа што ги имаме најдобрите кадри коишто знаат домаќински и одговорно да се однесуваат кон парите на граѓаните на Македонија.

Победуваме заради тоа што сме силно мотивираме да ги оствариме овие наши заложби.

И затоа, никој денеска нема право да остане дома. Никој нема право да ги спречува овие идеи, туку напротив на секого треба да му биде чест и гордост да се избориме за правдата, за еднаквоста, за солидарноста.

Затоа Ве повикувам сите вас, сите граѓани на Република Македонија заедно да се избориме за себе и за Македонија.

Овие избори имаат само еден избор. Од едната страна Груевски, Ахмети и нивниот криминал и од друга страна слободољубивите граѓани на Република Македонија, правдата, еднаквоста и иднината на Македонија.

Да живее Македонија!