(ВИДЕО) СДСМ ПРИЛЕП СЕ ПОФАЛИ : Криминалитетот во Прилеп намален за над 30%, полицијата е партнер на граѓаните

0
213

Прес конференција на Филип Попоски, портпарол на ОО СДСМПрилеп:

Секојдневните обиди на ВМРО-ДПМНЕ со лажни вести да внесе страв и паника меѓу граѓаните, се распрснуваат како меур од сапуница. Подолго време, безидејната опозиција ја пласираше тезата за наводната нарушена безбедносна состојба во градот. Со паушални оцени и класични дезинформации, ВМРО-ДПМНЕ манипулираше со своите сограѓани, со цел да внесе несигурност кај граѓаните на Прилеп.

Официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи за безбедносната состојба во градот, ги демантираат сите наводи на прилепската опозиција и на најдобар начин го потврдуваат она што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија цело време го тврди – дека безбедносната состојба во Прилеп е на потребното ниво и дека граѓаните можат да бидат спокојни.

Имено, официјалната статистика на МВР, односно СВР Битола, во чиј состав функционира Полициската станица од општа надлежност – Прилеп, вели дека во периодот од 2015 до 2019 година, најголем број на кривични дела „Тешка кражба“ со непознат сторител, биле регистрирани во 2015 – 1.009 и 2017 година – 1.018.

Најмал број на регистрирани кривични дела имало во 2018 година – 671. Тоа намалување на криминалитетот во градот за повеќе од 30%!

Што се однесува до ефикасноста на полицијата во разрешувањето на кривичните дела, најдобри резултати биле постигнати во 2018 година, кога од регистрираните 671, расветлени биле 250 дела, или 37,2%.

Најмал процент на решени случаи на тешки кражби имало во 2015 година токму кога ВМРО-ДПМНЕ раководи со полицијата, односно решени биле само 19.8%, што значи дека од регистрираните 1.009 дела решени биле само 200.

Овие и другите показатели на МВР, јасно кажуваат дека најголем број на извршени кривични дела, како и најмал процент на разрешени случаи, имало во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од времето на Гордана Јанкуловска и Никола Груевски, кога Министерството функционираше по системот МВРО-ВМРО, денес своите задачи полицијата ги извршува професионално, посветено и одговорно. Не постојат привилегирани граѓани, ниту пак граѓани подложни на полициска тортура, само затоа што припаѓаат или се симпатизери на опозициски партии.

Резултатите кои ги постигнува Министерството за внатрешни работи на полето на заштита на безбедноста на граѓаните, на спречувањето и разоткривање на криминалот, се јасно видливи.

Конечно со власта предводена од СДСМ, полицијата е партнер на граѓаните, професионалнa, независнa, ефикаснa и во служба на законите.