(ВИДЕО) СДСМ: Администрацијата да работи и втора смена, оф-шор компаниите ќе мораат да го објават сопственикот

0
239

Vizijata za MK_8

Ќе се воведе работа во втора смена на институциите, за добивање информација од државните институции наместо еден месец ќе се чека 15 дена, седница за пратенички прашања ќе се одржува една неделно, МРТВ ќе мора да организира дебати на кои задолжително ќе ја кани и опозицијата. Ова се дел од решенијата што СДСМ ветува дека ќе ги спроведува ако на изборите во април дојде на власт.

Vizijata-za-MK_4-540x338

Предлозите од проектот „Визијата за Македонија“ пред граѓаните денеска ги соопштија партискиот лидер Зоран Заев, заменик претседателот Радмила Шекеринска и Драган Тевдовски, претседател на партиската Комисија за економски прашања на трибина што се одржа во сала во Скопски саем.

Шекеринска најави дека СДСМ ако победи на изборите наредната година ќе воведе законска процедура што ќе мора да ја следи секој министер а која ќе предвидува во процесот на носење на законите да бидат вклучени сите засегнати страни.

Vizijata-za-MK_6-540x337

Таа најави и промена на законот за јавни набавки, со кои ќе се спречи местење на тендерите.

Таа рече и дека Македонија станала земја со најмногу офшор компании, чии тајни сопственици се високи структури во власта почнувајќи од премиерот па надолу. СДСМ предлага овие компании да добијат рок во кој ќе мора да ги објават своите вистински сопственици.

Шекеринска најави дека тие во текот на целиот мандат нема да купуваат мебел, а заштедите што ќе ги направат ќе се користат за градење на студентски домови и детски градинки. Во однос на администрацијата, која е преобемна и непродуктивна, СДСМ ако дојде на власт ќе се воведе флексибилно работно време, а институциите ќе работат и попладне. Шекеринска рече и дека земјава има голем број пратеници, а за споредба ја даде Германија, каде има еден пратеник на 127.768 жители и Србија каде еден пратеник застапува 28.656 граѓани. Кај нас оваа бројка е 17.130. Таа констатираше и дека имаме преголем број министерства.

Тевдовски рече дека цел на „Визијата за Македонија“ е да ја победи нееднаквоста во различни форми, пред законите, судовите, вработувањето, распределбата на доходот.

– Во земјава е голема разликата меѓу богатите и сиромашните, а кај нас состојбата е полоша и од земјите во регионот. Индексот кој ја покажува оваа разлика во Македонија е 44, во Босна 33 а во Албанија 29 – рече Тевдовски.

Тој појасни дека семејство од средна класа е она кое е во состојба со приходите откако ќе ги подмири најосновите трошоци за живот да може да оди на летување, на зимување или да си купи автомобил.