(ВИДЕО) Ременски: Министерството за транспорт и врски ги кочи граѓаните, затоа се без социјални станови

0
322

Во врска со повеќедневните дезинформации и невистините коишто се шират на одредени медиуми поврзани со протестот на изманипулираните лица кои се рангирани за добивање на социјален стан во Прилеп, министерот за труд и социјална политика, како и покрај бројните деманти и информации кои не беа објавени, а во интерес на вистината, д-р Фросина Ташевска-Ременски на конференција за медиумите соопшти дека овие лица одговорот зошто се уште не можат да си ги добијат становите треба да го побараат од Министерството за транспорт и врски.

„Сакам да соопштам дека овие лица одговорот зошто се уште не можат да си ги добијат становите треба да го побараат од Министерството за транспорт и врски, а не од Министерството за труд и социјална политика и од мене како министер кој немам никакви надлежности во постапката за доделување на социјални станови или потпишување на решенија. Наместо да им објаснат на граѓаните зошто не ја испочитуваа законски утврдената постапка за доделување на социјални станови, и зошто одлучија партискиот критериум да биде пресуден во прочистување на прелиминарната листа на добитници на социјален стан, Министерството за транспорт и врски одлучи да ја злоупотребува маката на овие граѓани и комплетно неинформирани да ги манипулира преку протести. Згора на тоа, во манипулацијата се вклучени и локалните власти во Прилеп”, рече министерката за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски.

Таа појасни дека министерот за транспорт и врски донел решение бр.02-17849/1 од 16.12.2015 година за формирање на Комисија за распределба на станови по Одлуката за распределба на социјални станови како и условите за нивно користење. Формираната Комисија имаше за цел во транспарентна постапка да ја реализира распределбата на 76 станови во Прилеп, 25 станови во Демир Хисар и 18 станови во Ресен.

“Во фазата на софтверско прелиминарно рангирање на добитниците на социјални станови и изготвена листа, од непознати причини Министерството за транспорт и врски од само за нив познати причини одлучи да исклучи добитничка на социјален стан од Прилеп, рангирана во катергоријата „деца без родители и самохрана мајка“. Преку МТСП беше побарано ЦСР Прилеп да направи дополнителен увид на што беше одговорено позитивно во најбрз можен рок. И ЦСР Прилеп и членовите на Комисијата добија потврда на веќе востановената состојба и услови за живот на добитнчката на социјален стан која беше исфрлена од прелиминарната листа. Без да ги земе во предвид бараните информации, Министерството за транспорт и врски  самостојно без учество на преставниците на Комисијата од Министерсвото за труд и социјална политика ги изготви Записниците и  Конечната ранг листа за распределба на 76 станови во Прилеп што е спротивно на Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење”, информираше министерката Ташевска-Ременски.

Токму затоа, рече таа, Министерството за труд и социјална политика, како надлежно Министерство кое се грижи за сите ранливи категории, во име на професионалноста и одговорноста што ја имаме како институција и стручноста на нашите државни службеници, а заради интересот на нашите граѓани со допис  доставен до министерот за транспорт и врски на 3.5.2016 година, побара  најитно да се надмине овој пропуст со професионално и стручно решение, еднакво учество и еднаква одговорност на сите членови во оваа комисија.

“Сакам да нагласам дека, не станува збор за никакво влијание врз членовите во Комсијата од МТСП како што беше пласирано во медиумите, туку барање за почитување на утврдените процедури и правила на одлучување кои сите имаат должност да ги почитуваат. До денес Министерството за транспорт и врски не најде за потребно да пристапи кон решавање на проблемот што сами го создадоа.  Искрено жалам што Министерството за транспорт и врски наместо да преземе одговорност за настанатата состојба продолжува упорно да манипулира со лицата кои се рангирани за добивање на социјален стан”, рече министерката Ташевска-Ременски која упати и порака до граѓаните во Прилеп што протестираат.

“Сакам да упатам порака до граѓаните во Прилеп кои протестираат дека, еднаквоста на граѓаните пред правата и обврските е наш/мој врвен професионален приоритет. Во ниту еден случај нема да дозволам манипулацијата со граѓаните да биде посилно оружје од праведноста и социјалната солидарност која во овој случај треба да ја покажеме сите”.