(ВИДЕО) Прилепскиот бранител Спасески здравствено згрижен и во топол дом

0
217

Бранителот Драган Спасески (69) еден од учесниците во воениот конфликт во 2001/2002 година, со синхронизирана грижа на институциите сега е во добра здравствена состојба. Заедно со неговата сопруга Виданка (62), за прв пат после повеќе години, неколку дена живеат во топол дом, имаат дрва за огрев за оваа зима, а платен им е и долгот кон ЕВН во висина од 92.000 денари. Спасески наскоро ќе добие зголемена социјална помош за околу 300 отсто и додаток за нега од друго лице. Со ова практично и материјално ќе се создадат елементарни услови за живот на семејството на бранителот, којшто години по воениот конфликт бил оставен без каква било грижа.

Градоначалникот Илија Јованоски со директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Живко Сиљаноски и претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001/2002 година, Рубин Секулоски денеска повторно го посетија домот на Спасески, интересирајќи се како сега живее ова семејство.

„Бев неколку дена во интерното одделение на болницата во Прилеп. По лекувањето и добиената терапија се вратив дома. Сакам да изразам благодарност до сите кои што помогнаа да се решат нашите проблеми како семејство. Особено му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски, на директорот на Центарот за социјална работа, за грижата што ја покажаа, ветија дрва, ветија струја, благодарам на сите коишто пуштија рака да ни помогнат. Сега е подобро, потопло, не е како што беше“, изјави Спасески.

Сопругата Виданка е радосна зашто конечно во домот имаат струја, затоа што имаат дрва за огрев за оваа зима.

„Топло е, убаво. Ете конечно и во нашиот дом да светне сијалица. Сопругот е многу подобар. Благодарам на сите коишто ни помогнаа, благодарам на Општината што ни овозможи да биде платен долгот за струја, зашто досега живеевме во темнина“, изјави Виданка.

Градоначалникот Јованоски, се интересираше и за здравствената состојба на Спасески, советувајќи му да ги следи препораките на докторите и да ја прима редовно терапијата.

„Спасески беше хоспитализиран, нему му беше регулиран шекерот во крвта и дадена инсулинска терапија која што во иднина треба да ја прима. Обезбивме средства од буџетот во висина од околу 92.000 денари, Општина Прилеп ги префрли средствата на семејството, а тие го платија долгот за струја кон ЕВН. Обезбедивме околу 3 м3 огревно дрво за да ја поминат оваа зима“, изјави градоначалникот Јованоски, истакнувајќи дека Општина Прилеп во рамки на социјалните мерки што ги презема и во иднина ќе ги помага семејствата кои што се соочуваат со тешки социјални проблеми.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп, Живко Сиљаноски, истакна дека веќе е решен предметот за социјална парична помош, со што за многу брзо семејството на бранителот Драган Спасески ќе добие зголемен износ за повеќе од 300 отсто, од она што сега го добиваат.

Директорот Сиљаноски додаде дека паралелно на тоа, уште побрзо го решиле предметот за помош и нега од друго лице, како и тоа дека се очекува само изготвување на решението, со што ќе дојде до зголемување на социјалниот приход на Спасески, во функција на надминување на веќе затекнатите социјални потреби.

Претседателот на Здружението на резервни воени обврзници, Рубин Секулоски, потенцираше дека после добивањето на информацијата за случајот со бранителот, Драган Спасески, тие како бранители и координаторот во Владата на Република Македонија, задолжен за прашањата поврзани со бранителите, Стојанче Ангелов, заедно со Општина Прилеп, целосно се мобилизираа за помош и што побрзо опоравување на Спасески. Тој истакна дека социјалната положба на бранителот сега е целосно променета.

Спасески велат дека овој е прв пат да се најде решение за нивните проблеми, иако со години тие живееле без струја, огрев, во сиромаштија, а за нивните проблеми изминатите години никој немал слух.