(ВИДЕО) Премиерот Заев ги прими ракометарите на „Вардар“: Вие сте шампионите на нашите срца, гордост на нашата татковина, државата ќе возврати

0
296

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на РК ,,Вардар” кои на 2 јуни ја освоија титулата Европски првак, откако во финалето на завршниот турнир во финалето на Лигата на шампионите во Келн, Германија го совладаа унгарскиот ракометен клуб ,,Веспрем”.

„Ви честитам за титулата европски шампион, за среќата и радоста која ни ја приредивте, на нас, на граѓаните и на државата. Вие сте шампионите на нашите срца! Докажавте дека преку пријателството, професионалноста, искуството и посветеноста, можете да го направите народот толку среќен! Вие сте гордост на целата наша татковина и на сите граѓани и верувам дека сите ние ќе продолжиме да бидеме мотивација за идните генерации кои доаѓаат“, рече премиерот Заев на средбата на која присуствуваа и претставници на управата на Клубот, претставници на Македонската ракометна федерација  (РФМ) и Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Премиерот Заев рече дека е среќен што клубот „Вардар“ постои, повика на сплотеност и додаде дека државата ќе возврати со влог во спортот и преземање на сите потребни мерки за одржливост на Клубот.

На следната седница на Владата ќе предложам доделување на награда од 500.000 евра рече премиерот Заев, додавајќи дека Агенцијата за млади и спорт ќе додели дополнителни 100.000 евра, покрај веќе донесената одлука за доделување на 100.000 евра од Советот на Град Скопје.

„И веднаш, уште од денеска се посветуваме на мерките кои ќе ги преземеме за стабилност на Клубот, на исто ниво на кое е сега, но и за развој и успешна иднина понатаму. Нема поголеми амбасадори на нашата земја, од спортот и затоа сме посветени за изнаоѓање начини за понатамошна работа, преку законски решенија и со помош на државните институции“, рече премиерот Заев додавајќи дека стратешката цел на Владата е да се гарантира самостојност и развој на спортот, што веќе се презема со „ваучерскиот систем“, каде се обезбедуваат 6 милиони евра, со тенденција финансиската помош да порасне на 10 милиони евра.

Присутните се заблагодарија за приемот и укажаната поддршка, истакнувајќи дека спортот е исклучително важен за секое општество, за развојот на децата и идните генерации и е одличен импулс за соработка со приватните компании и државните институции.

Премиерот Заев од свое лично име, од име на членовите на Владата на ракометарите на „Вардар“ им додели плакета како знак за признание за освоената титула, Европски првак во Лигата на шампионите на Европската ракометна федерација за 2019 година.

„Со сите големи резултати на меѓународните спортски арени РК „Вардар“ е нашиот најголем спортски амбасадор со најдостојно место меѓу најголемите тимови на светскиот спорт“, се вели во признанието  потпишано од премиерот Заев.

Од ракометниот клуб „Вардар“ премиерот Заев доби црвено-црн дрес со број еден, на кој е испишано неговото презиме.

Ракометарите на „Вардар“, кои во својата историја по вторпат ја освоија титулата во Лигата на шампионите, на средбата со премиерот Заев го донесоа и шампионскиот пехар и топката од решавачкиот натпревар.