(ВИДЕО) Митрески: Власта во заминување врши нов арач за домашните фирми-60 евра за GPRS врска

0
107

Screenshot_114-685x320

Неспособната власт во заминување, деновиве врши нов арач на малите и средните претпријатија. Власта бара од сите правни субјекти, коишто мораа да воведат GPRS фискални каси, да плаќаат нова давачка од 60 евра за воспоставување на некаква GPRS врска, којашто не треба да чини ништо, рече на прес конференција денеска Јован Митрески, пратеник од редовие на СДСМ.

Целта на власта е да извлече над 12 милиони евра од претпријатијата, за да може да ги пополнува своите буџетски дупки, за нови барокни фасади и Панорамски тркала од 18 милиони евра.

Ете колку оваа власт се грижи за домашните претпријатија.

Прво им наметна трошоци и обврска да имаат две фискални каси, потоа измисли казни од по 3000 евра за непоседување на ваква GPRS фискална каса, а сега неуспешноста на спроведувањето на ваквите апсурдни мерки ќе го наплаќа со дополнителни 60 евра. Нови 60 евра за ново „ништо“.

Овoј проект е уште еден во низата промашени проекти на власта во заминување, сличен на оној со воведувањето на таканаречените патриотски противуставни фискални каси. Проектот украде милиони евра од малите и средни претпријатија, не се спроведе и никогаш не ги врати парите назад.

 

Фактот што во септември, оваа година, УЈП има најмала наплата на ДДВ во последните неколку години покажува дека оваа власт со ваквите трошоци коишто им ги наметнува на претпријатијата само стимулира сива економија и затворање на претпријатијата.

Овој грабеж на малите и средните претпријатија мора да престане.

Визијата за Македонија донесува слободни граѓани и слободен развој на малите и средни претпријатија.

СДСМ во Визијата за Македонија предвидува дека ќе ги преиспита договорите со овие компании, ќе ја укине ваквата обврска на имателите на фискални каси и евентуалниот реален трошок за тоа ќе го подмирува од средствата од буџетот.

Исто така, претпријатијата ќе ги ослободиме од плаќање на апсурдни казни и давачки.
Ќе ја зголемиме наплатата на ДДВ и секој граѓанин ќе има можност да поврати 15% од вкупниот ДДВ што го исплатил на државата во текот на една цела фискална година.

СДСМ само со овие мерки ќе им остави на малите и средните претпријатија неколку десетици милиони евра кои тие ќе можат да ги користат за нови инвестиции и нови работни места.