(ВИДЕО) Лажниот патриотизам на прилепскиот градоначалник Ристески

0
795

Пишува : Зоран Милошоски

Патриотизмот и учеството во воениот конфликт од 2001 година, односно во крвавиот настан кај месноста „Карпалак“ кога од заседа беа убиени 10 прилепски бранители, беа основата на која прилепскиот градоначалник Марјан Ристески ја градеше и изгради својата политичка кариера.

Во секоја прилика, особено во секоја изборна кампања, Ристески го потенцираше учеството во воениот конфликт, притоа незаборавајќи да истакне дека во ниту еден момент не се двоумел да замине, како што велеше, во одбрана на татковината.

Неговото минатогодишно обраќање во кампот на таканаречените „чувари на демократијата“ лоциран пред Собранието на РМ, беше повод адвокатот Жарко Стеваноски да го истражува „патриотизмот“ на прилепскиот „градски татко“.

„Во таа прилика градоначалникот Ристески рече, цитирам, „во 2000, 2001 година кога настана новиот конфликт, значи без размислување ја ставив униформата на Армијата на РМ, на нашата Армија, на нашата Македонија и без никаков страв значи, без ронка сомневање, заминав да ја бранам татковината“. Меѓутоа документите до кои јас дојдов кажуваат нешто друго, или поточно, ја кажуваат вистината“, вели Стеваноски.

Имено, после завршувањето на воениот конфликт, Марјан Ристески пред Основниот суд во Прилеп поднесол тужбено барање против РМ, односно Армијата на РМ со правен основ „Надомест на нематеријална штета“ кое во себе вклучува и „Претрпен страв и претрпени душевни болки заради намалена животна активност“, за што побарувал 3.100.000,00 денари. Врз основа на изведените докази, судот ја задолжил државата на Ристески да му исплати износ од 150.000,00 денари за претрпен страв и 60.000,00 денари за претрпени душевни болки заради намалена животна активност.

„Во списите од предметот стои и неговата изјава дадена пред судот за време на главната и јавна расправа од 26.05.2003 год. во која тој вели дека како учесник во војната во Хрватска каде служел редовна војска, имал претрпени стравови од таа војна, дека му било познато оти имало наредба војниците кои учествувале во војните во поранешна Југославија да не се повикуваат на воени вежби, но дека и покрај тоа на 25.јули бил повикан на вежба. Иако, како што самиот изјавил, сугерирал да биде ослободен, со објаснување дека тоа ќе биде направено покасно, барањето не му било прифатено“, појаснува адвокатот Стеваноски.

izjava-marjan-risteski-1024x227

Во својата изјава пред судот Ристески навел уште неколку податоци, како на пример тоа дека и како редовен војник, и како резервист бил санитет, дека претходно немал задолжено таква автоматска пушка каква што му ја дале кога бил мобилизиран, дека заради стравот и вознемиреноста која ја чувствувал и самиот пиел од лековите кои се наоѓале во санитетската торбица и сл.

Со оглед на дијаметрално спротивните изјави на Ристески за една иста работа, ПУБЛИКУМ се обрати до него со намера да го добиеме и пренесеме неговиот став.

Прилепскиот градоначалник го прашавме која од двете негови изјави е точна: онаа дадена во Скопје пред кампот на таканаречените „Чувари на демократијата“, или онаа другата, кажана во судницата на Основниот суд во Прилеп?

Одговор не добивме.

Адвокатот Стеваноски најави дека во контекст на истата тема, во следниот период ќе приложи и други докази кои Марјан Ристески ги изнел во својот исказ пред Основниот суд во Прилеп, но и пред четворицата лекари од Медицинскиот факултет во Скопје кои врз таа основа на Ристески му извршиле невропсихијатриско вештачење.

„Врз база на приложените факти и изјавите кои самиот ги дал, јавноста ќе ја дознае вистината за лажниот патриотизам на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески“,поентираше Стеваноски.

Извор : Публикум.Мк