(ВИДЕО) Здравствен дом-Прилеп: Нашата институција работи успешно, наследениот долг од 160.000 евра го сведовме на минимум

0
160

На денешната прес конференција во ЈЗУ Здравствен дом – Прилеп, в.д. директорката Оливера Аџиоска ги демантираше вчерашните обвинувања на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, за наводните финансиски долгови и изостанокот на инвестиции на оваа здравствена институција.

„Во моментот на моето именување за в.д. директор на ЈЗУ Здравствен дом-Прилеп пред 18 месеци, наследив финансиски долг од над 160.000 евра, од кои 60.000 беа неплатени сметки за потрошена електрична енергија. Можам да кажам дека долгот кон ЕВН е целосно исплатен, исплатени се и најголемиот дел од долговите кон разни доверители, така што во моментов долгот на оваа здравствена институција изнесува околу 30.000 евра. Тоа значи дека не само што нашата институција не продуцира нови долгови, туку посветено работи на исплаќање на долговите наследени од претходното раководство“, истакна Аџиоска.

Покрај буџетските средства, ЈЗУ Здравствен дом – Прилеп обезбедува средства и од сопствени извори, пред се’ од работата на лабораторијата, од Итната медицинска помош и службите за трудова и за спортска медицина.

Аџиоска рече дека не е точно обвинувањето на опозициската партија, дека во Здравствениот дом изостанувааат проекти. Иако станува збор за проекти од помал обем, рече Аџиоска, тековно се реализираат сите планирани проекти како за претходната, така и за оваа 2019 година. Она што в.д. директорката посебно го нагласи, е набавката на имуноанализатор, современ апарат каков што во државата имаат само уште две здравствени институции.

„Тој апарат, имуноанализатор, е најсовремен и во нашата држава единствено го имаат Институтот за имунологија и Институтот за патофизиологија. Со набавката на овој апарат, пациентите ќе бидат поштедени од одење во Скопје затоа што од наредната недела почнуваме да правиме биохемиски анализи и тестови од типот на хормонски статус, тумор маркери, имуноглобулини и сл. Во исто време, заедно со апаратот го добивме и сертификатот од меѓународно признатата лабораторија ‘Превекал’ од Барцелона, која секојдневно прави надворешна контрола на нашите анализи“, нагласи Аџиоска.

Таа демантираше било каква вина на прилепскиот Здравствен дом во сообраќајната несреќа во која пред извесно време учествуваше амбулантно возило на оваа институција, а во која немало ни повредени, ни жртви. Настанот, како што рече Аџиоска, опозициската партија го искористила за евтин политички маркетинг.

„Во полицискиот записник беше јасно кажано дека причина за несреќата биле лошите временски услови и лизгавиот коловоз. Како човек, лекар и раководител на оваа институција, најодговорно тврдам дека никогаш по моја вина не би довела во прашање било чиј живот. Нашите возила, а ги имаме вкупно 5, навреме се регистрирани, технички прегледани и опремени со соодветна опрема“, потенцираше в.д. директорката на ЈЗУ Здравствен дом – Прилеп, Оливера Аџиоска.