(ВИДЕО) Започна проектот за заштита на Маркови Кули – споменик на природата, ЕУ и УНДП ќе дадат финансиска поддршка

0
51

Општина Прилеп започнува со реализација на проектот „Маркови кули-заштита и
делување“, како дел од Програмата „Подобрување на управувањето со
заштитените подрачја“, што ја спроведува УНДП во соработка со Министерството
за животна средина и просторно планирање, а финансиски поддржана од ИПА
фондовите на Европската Унија.

Покрај градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, на денешната промоција на
проектот присуствуваа амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар и
постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации, Луиза
Винтон.

Градоначалникот Јованоски го истакна задоволството од почетокот на реализација
на проектот и прогласувањето на локалитетот „Маркови Кули за споменик на
природата„, потенцирајќи дека зголемениот обем на посетители и развојот на
туризмот, предизвикаа негова неконтролирана експлоатација и деградација.

„Токму овој проект на Општина Прилеп, Маркови Кули – заштита и делување’, е во
насока на надминување на овие проблеми и има за цел да го подобри
управувањето со заштитеното подрачје, со воведување заштитни механизми и
систем за мониторинг. Проектот ќе овозможи развој на мали инфраструктурни
зафати за подобра пристапност на посетителите и подобрено информирање на
локалната заедница, а преку непосредна соработка со Институтот за
старословенска култура, ќе придонесе за зачувување на овој споменик на
природата“, истакна Јованоски.

Градоначалникот Јованоски појасни дека проектот предвидува инвентаризација и
подготовка на бази на податоци за најзначајните биогеографски и културни
локации, воспоставување на планови за собирање на отпад и заштита од пожари.
Со проектот е предвидено поставување на видео мониторинг систем, патокази и
информативни табли, означување и уредување на патеките, изградба на видиковци
и други активности што ќе го подобрат пристапот и ќе ја подигнат свеста на
посетителите и локалното население.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар потенцираше дека Европската
Унија посветува особено внимание на заштитата на животната средина и на
биодиверзитетот, за што доволно кажува податокот за инвестираните 6 милиони
евра во проекти од таа сфера.

„Европската Унија има доделено 6 милиони евра за заштита на животната средина
и финансиската поддршка продолжува да се зголемува. Паралелно, имаме и
тековен твининг проект,што е поврзан со натамошна хармонизација на
националната легислатива со директивите на ЕУ во оваа сфера. И, се разбира, како
трет проект кој денеска го започнуваме се 17 грантови за 17 проекти кои се
поврзани со заштита на загрозени видови и животни. Охрабрени сме од добиените
79 апликации за овој проект, што покажува дека постои огромен интерес и потреба
за финансиска поддршка, а ние очекуваме дека сите инволвирани чинители ќе
останат посветени во менаџирањето на финансиските средства“, истакна
амбасадорот Жбогар.

Луиза Винтон, постојаната претставничка на УНДП, рече дека секој од 17-те
грантови што се имплементираат од УНДП со финансиска поддршка на ЕУ, се вовисина до 100.000 евра, но истовремено најави дека дополнително ќе бидат
доделени и 8 други поголеми грантови во висина од по 400.000 евра.

„Овие грантови се наменети за националните паркови: Галичица, Пелистер и
Маврово, потоа за Дојранското, Охридското и Преспанското езеро, како и за Јасен и
за кањонот Матка. Кога зборуваме за заштитен предел или за заштитена локација,
луѓето мислат дека тоа значи изградба на ограда околу таа локација и да не се
дозволи пристап на луѓето и сето тоа да се држи изолирано од нив. Меѓутоа нашиот
пристап е поинаков, затоа што под заштита на природата и заштитените подрачја,
ние подразбираме понатаму да се промовира заштитата на овие локации, се’ со
цел, како што кажа градоначалникот, да може да се развие и туризмот и разни
видови спорт. Да не се уништи природата, туку да се зачува природата во интерес
на локалното население“, истакна Луиза Винтон.

За време на денешниот престој во Прилеп, амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар и
претставничката на УНДП, Луиза Винтон, ги посетија јавната научна установа
Институт за старословенска култура, Музејот за тутун и манастирот „Трескавец“ со
црквата „Успение на пресвета Богородица“,како дел од културното богатство на
Прилеп.

СПОДЕЛИ