(ВИДЕО) Заев: Режимот ќе се урне со ненасилни протести, a Македонија никогаш не била меѓуетнички побезбедна

0
704

Меѓуетнички побезбедна Македонија мислам дека и никогаш порано не била, паради тоа што народот е гарант и чувар на мирот. Може да има само мешетари и бандити, со кои верувам дека професионалците во безбедносните структури успешно ќе се справат, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа,  како одговор на прашањето, дали стравува од меѓуетнички конфликт имајќи ги предвид последните случувања.

За обвинувањата во дел од медиумите, дека тој го креира сценариото по примерот од 2001-ва и дека е одговорен за креирање на меѓуетнички тензии, Заев шеговито вели: „Испадна Заев и СДСМ се супермен најверојатно“.

– Заев влегол таму слушал со години наназад, ќе испадне дека и кога сум бил на училиште сме слушале. Прво беа странски служби, некои комбиња, апсолутно мислам дека тоа никаде не поминува. Прво, државата е таа којашто треба да ги има работите под контрола и верувам дека ги има, пред сè од професионалците. Ај што е забегана работата од политичарите коишто ги водат институциите, тоа е друго прашање кое веќе и граѓаните го знаат, го дадовме на показ на целата јавност. Во исто време ваква дрска и безобразна власт која узурпирала сè од страна на институции, механизми кои постојат во ова наше општество, апсолутно некој само да го постави прашањето, зарем е можно, таа, таквата уплашена, не знам каква ли не опозиција којашто ја опишуваат да биде креатор на сето она кое провладините медиуми го прават. Јас искрено се надевам дека ја знаат својата одговорност којашто ја носат провладините медиуми, без разлика дали некој стои на потпишан текст или на прилог. Без разлика или не, одговорноста е огромна, сето она коешто денеска така лесно ќе го изусти треба да знае дека во иднина понесува одговорност – истакна лидерот на СДСМ.

Во врска со стратегијата на СДСМ по објавувањето на прислушувани разговори, тој повтори дека стратегиите не е добро да бидат однапред соопштени поради тоа што нашиот политички опонент се бори со сите механизми и инструменти кои се во сопственост на Република Македонија.

– Ние се бориме со аргументите, доказите кои ги поседуваме, преку прес-конференциите, преку ретко независните медиуми кои постојат и толку. Но, секако, мора да имаме разработено и план Б, план Ц, план Д, разработени, како можност за да успееме во нашата намера којашто ја имаме. Пред сè, јас верувам дека ќе бидат ефикасни оние планови на најбезболен начин за државата. Зошто велам безболен? Затоа што го чувствувам гневот колку е голем кај граѓаните целиов овој период и при тој гнев не знаете дали оној родител којшто секој ден солзички рони пред своето дете, дали рационално ќе се однесува при организирање на огромен масовен протест, кој секако би ја принудил власта да си оди по владеење од девет години. Тука е тој сензитивен момент кој нè води кон тоа да размислиме неколку пати кој е гарантот на организацијата, каква е таа безбедност која ќе ја гарантираме и слично. Но, времето се наближува, тоа го знаат сите, без разлика дали Заев спомнува 9-ти, 19-ти или 29-ти мај, или кога било, дали ќе организирам ваков протест, многу се важни сите други аспекти на ваквата организација. Ова го зборувам како алтернатива на сценарија и планови. Постојат и други планови, јас не би сакал сега да ги споделам, навистина верувајте секогаш сме биле транспарентни, но во моментот, во почеток на нова реализација ние ќе ги претставиме пред граѓаните преку вас медиумите – порача лидерот на СДСМ.

На прашањето, што очекува да донесе ова сценарио, свесен дека ќе има демонстрации за кои постои ризик да добијат насилен тек,  имајќи го предвид продлабочувањето на политичката криза, Заев објаснува дека неизвесноста што ја нуди масовниот одек кај граѓаните е нешто што мора да предизвика водење грижа кај политичарите, организаторите, власта, сите коишто може да поднесат одговорност за ваквите работи.

– Затоа верувам дека протести ако има, мора да бидат ненасилни. Со насилие ние не можеме насилие да избркаме, мора да бидат ненасилни. Тука се поставува прашање, добро, како, ќе дојдете и ќе си идете? Оттука би биле сценаријата кои не требало да ги соопштам како тоа се прави. Има убави примери низ светот како преку ненасилни протести се успеало во целта, да се урне режим или ваква автократија како што постои, јас сум убеден дека можеме тоа да го постигнеме – порача тој.

На неговата заложба преодна влада како можно решение и на барањето да опише како замислува да се спроведе тоа решение, првиот опозиционер истакнува дека не е важно како ќе се дефинира, дали како експертска, техничка, политичка, технократска, но дека опозицијата не е единствената страна која треба да одлучува за оваа работа.

– Со нашите постапки покажуваме по што сме различни од нив, затоа го дефиниравме широко и сега, како што го кажувам, спремни сме да разговараме за сè. Пред сè на граѓаните да им биде јасно дека тој човек што ќе ја води, ќе биде чесен, добро ќе ја заврши работата, без разлика дали во иднина во таа техничка, не знам еве да ја кажам преодна влада, би бил премиер некој од министрите, би бил министер или слично, важен ќе биде ликот, личноста, на профилот којшто би се дефинирал заедно од сите страни. Така што, таква една конфигурација на преодна влада, сама по себе би била гарант за нормализација на државата и спроведување фер и демократски избори. Највисоко демократско право е слободно изразената волја во секоја земја, некој мора тоа да го обезбеди. А реков, 70 отсто од работите се завршени со тоа што Сашо Мијалков не е таму, Груевски не е таму, Ставрески не е таму, Гордана не е таму, Горан Трајковски не е таму. Готова е работата, завршен е најголемиот дел. Мал дел е тој што таа преодна влада ќе треба да го дозаврши во процесот и постапката којашто би траела во, пак реков, договорен термин, не знам, 6, 9 месеци, 3 месеци, колку е тоа доволно – истакна Заев во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Тој призна дека од „бомбите“ најмногу го вознемирило сознанието дека луѓето коишто ја водат нашата земја, буквално одлучувале кој ќе биде на слобода без било какви правни норми или закони, тие одлучувале за тоа кој родител честа и достоинството пред своето дете ќе ја задржи, кој не.