(ВИДЕО) Заев: Разрешницата на нашата политичка криза и враќањето на демократските вредности, правдата, слободата и човековите права, треба и мора да останат наш императив, без никакви алтернативи

0
35

Градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица, денеска, пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ во малиот градски парк, го одбележаа 9-ти мај Меѓународниот ден на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Зборувајќи за значењето на овој ден, градоначалникот Заев порача дека треба темелно да си го исчистиме сопствениот двор од нештата кои сериозно ни ги разнишуваат темелите на државата и државноста за, како што рече, да и покажеме на Европа дека Македонија се враќа на вистинскиот пат за да обезбеди влез во големото европско семејство.

????????????????????????????????????
????????????????????????????????????

„Нашава земја веќе  25 години од својата самостојност го сонува европскиот сон со тенденции да стане дел од големото европско семејство. Иако Македонија е земја-кандидат за членство во Унијата од декември 2005 година се уште нема добиено датум за почеток на преговори со ЕУ и покрај препораките од Европската комисија. За жал, грчките условувања за решавање на спорот со името и нашите внатрешни недоследности, се се уште пречка тој сон да стане јаве. И во тој контекст, кога ги детектираме причините за нашиот предолг престој во европската чекалница, мораме да бидеме доблесни, да си ги признаеме болестите од кои ни боледува општеството и темелно да си го исчистиме сопствениот двор од нештата кои сериозно ни ги разнишуваат темелите на државата и државноста. Разрешницата на нашата политичка криза и враќањето на демократските вредности, правдата, слободата и човековите права, треба и мора да останат наш императив, без никакви алтернативи. Само така ќе и покажеме на Европа дека Македонија се враќа на вистинскиот пат, на патот по кој порано сигурно чекоревме. Ако велат дека надежта последна умира тогаш треба да бидеме сериозни и да се избориме барем на таа надеж да и создадеме реална основа. Треба да бидеме мудри, упорни и истрајни и ако нешто заслужуваме, тоа сигурно ќе го добиеме. Ако Македонија секогаш била на вистинската страна тогаш нека биде и понатаму на страната на прогресивна Европа во која ќе нема место за промоција на нови фашизми и создавање можности за нови крвопролевања. Да продолжиме да го сонуваме нашиот заеднички сон, а јавето нека биде наша заедничка цел“ рече градоначалникот Заев.

Тој со претставниците на Советот на општина Струмица положи свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци во НОАВМ потврдувајќи ја својата длабока почит кон жртвите на фашизмот. Почит им оддаде и на загинатите припадници на МВР во кумановските настани од пред една година.

Пред споменикот на паднатите борци, цвеќе положија и претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борците во НОАВМ, резервните старешини, политичките партии, а рецитаторите од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

СПОДЕЛИ